Битолскиот музичар Пеце Петровски (29) во саботата навечер бил прободен со нож во пределот на раката од страна на негов сосед, бидејќи му сметала музиката за време на онлајн концертот кој Петровски го пренесувал на социјалните мрежи.
Околу тоа како се случил настанот, кој започнал со музика и добри намери, а завршил крваво, Пеце за ,,Фокус” ги раскажа деталите. Како што појаснува, правел онлајн Фејсбук концерт, во чест на малиот Лука од Битола, момче кое има аутизам, а чија мајка во неколку наврати јавно раскажуваше дека имаат проблем со еден од соседите, кој не ги сакал да живеат во нивна близина поради состојбата на детето.
Со намера да ја подигне јавната свест за случајот со момчето, и надевајќи се дека информацијата за нивниот проблем ќе дојде до вистинските раце, но и да ги расположи, тој го започнал концертот кој се пренесувал во живо. Живее во зграда, на првиот кат, и пеел од својот дом.
-Се тргна како што треба, но во еден момент се слушнаа удари на мојот прозорец. Го прекинав видеото во живо, за да видам што се случува. Го забележав мојот сосед Бојан, од соседната зграда, видно вознемирен и хистеричен. Започна да се расправа со мене, да ме навредува… Го прашав што е проблемот, тој почна да вика – Копиле, излези надвор, не можам да спијам! Излегов со цел да му појаснам што всушност правам, сакав на мирен начин да се реши ситуацијата. Во еден момент тој извади нож и ми го заби во раката, се обиде уште еднаш, но во намерата го спречи мојот колега Дарко, којшто со удар го одвлече од мене. Бојан стана и се упати кон својот дом со зборовите – Пеце, имаш среќа што не слегов со сатарот!- раскажува повредениот музичар, појаснувајќи дека неговиот сосед е возрасно лице, на околу 35-годишна возраст.
Потоа неговиот пријател Дарко повикал полиција, а Пеце со возилото на брзата помош бил упатен кон ургентното одделение.
-Дојдоа и сведоците, од болницата се упатив кон битолската полициска станица, каде сите дадовме изјава за настанот. Соседот беше приведен, а ножот беше одземен. Раната ми е санирана, а денес ќе поднесам приватна тужба, веќе ангажирав адвокати – појаснува Петровски.
Додава дека откако започна пандемијата со корона вирус, ова не било прв пат да музицира од дома. Никогаш порано немало поплаки.
-Ова е не начин, зар треба да се исколиме? Има полиција, постои телефонскиот број 192. Никогаш порано кога музицирав од дома немаше никакви поплаки ниту пак пријави. А целта ми беше да се сврти вниманието кон малиот Лука и да му се помогне на неговото семејство. За него прочитав на Фејсбук, се ставив во нивна кожа, едноставно сакав да помогнам. Како човек, секогаш тргнувам од она, дека може секому да му се случи истото– вели Пеце.
Тој е познат на естрадната сцена во Битола. Иако е вработен во компанијата Кромберг и Шуберт, имал редовни настапи во локали во околината, како на пример во Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Охрид, пеел на разни настани и фестивали.
-Секогаш сум бил гласен кога станува збор за правда, сум бил дел од разни хуманитарни акции и настани. Моето ќе помине. Сакам само да се реши случајот со Лука – ни изјави битолчанецот.
Вики Клинчарова