Колони од возила од сите краеви на земјава, преполни плажи, лежалки сместени една до друга, без дистанца, групирање, како да живееме во времето пред пандемијата со корона вирус. Тоа е генералната слика од Охрид деновиве, кога поради празниците и продолжениот викенд илјадници туристи заминаа во нашата најпозната туристичка дестинација.
Поради огромниот број на посетители и летувалци, од општината започнаа кампања за подигање на јавната свест, со цел да се зголеми почитувањето на мерките за заштита од вирусот.
Слоганот на кампањата е „Летувајте безбедно во време на пандемија“, и се делат флаери со информации за заштита на повеќе јавни локации, како на кејот, плоштадот, чаршијата, но и во угостителските објекти.
Околу тоа колку е безбедно да се престојува во Охрид деновиве, доволно е да се направи мала обиколка на плажите.
Голем е бројот на сопственици на шанкови и лежалки, кои ги занемаруваат препораките, како што се ограничувањето на бројот на посетители на плажа до максимум 15 посетители на 100 метри квадратни, задолжително меѓу поставените чадори да се обезбеди минимално растојание од 4 метри, а растојание од 1,5 до 2 метра меѓу лежалките поставени под соседни чадори, лежалките задолжително да се дезинфицираат пред и по користењето на секој посетител, а секое лице задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.
Освен што помеѓу лежалките најчесто го нема потребното растојание, дел од екипата на „Фокус“ кој беше во обиколка на неколку популарни плажи, можеше да забележи дека нема дезинфекција на истите. Едни гости стануваат, други легнуваат на лежалките. На масичките помеѓу лежалките, освен што нема поставено средство за дезинфекција, дури и не се пребришуваат со обична крпа, а не пак да се дезинфицираат со соодветно средство. Речиси никој од вработените, кои ги послужуваат гостите на лежалките, не носат заштитни маски.
Сепак, очигледното непочитување на мерките за заштита, како да не им им пречи на голем дел од гостите. Полегнати едни до други, уживаат во топлото време, заборавајќи на вирусот.
Од друга страна пак, има и гости кои внимаваат и кои се држат на дистанца. Совесните посетители можат да се забележат на плажи каде нема гужва, или пак во последните редови на фреквентните плажи, подалеку од туристите кои не внимаваат на дистанцата.
Исто е и во центарот на градот. На старата чаршија, каде поради големата гужва не може да се држи потребна дистанца, оние кои се внимателни, шетаат со заштитни маски.
-Се е до свеста на народот. Кој што сака да се чува себе и своите блиски, почитува мерки. Како за посетителите, истото важи и за угостителите. Има локали во кои строго се внимава на заштитата, додека пак има и такви каде хигиената затајува, и покрај навалата на посетители. Од гостите зависи дали ќе имаат безбеден одмор, треба да бидат свесни и да не одат на плажи и во локали каде очигледно не се внимава и се ставаат сите на ризик – раскажуваат угостители од локали во центарот на градот.
Со цел да им покажат на гостите дека ги почитуваат мерките за заштита, голем број на угостители на своите вработени им обезбедиле и визири.
Девојки вработени во кафуле во центарот, кои со визирите позираа за „Фокус“ велат дека во тек на ден, гостите најчесто се на плажа, но ноќе капацитетите се полнат со луѓе од сите краеви.
-Не знаеме кој од каде доаѓа, кој што носи во себе. Мора сите да бидеме внимателни, и локално население и гости. Годинава ги немаме многубројните туристи од странство, но затоа пак од земјава дојдоа многу посетители. Има совесни луѓе, кои првин разгледуваат дали мерките се запазени, па дури потоа се одлучуваат да седнат на маса- велат тие.
Поради зголемениот број на гости, од Кризниот штаб на општината најавија дека инспекторите на државните инспекторати, заедно со екипи на Инспекторатот при Општина Охрид ќе спроведуваат заеднички и координирани контроли и ќе вршат инспекциски надзор на плажите, угостителските и сместувачките капацитети, во делот на почитување на законските прописи за поставување на урбана опрема и почитување на протоколите за превенција од корона вирусот.
Исто така, се апелираше и до организаторите на музички настани на отворено, да не ги организираат и одржуваат настаните, доколку немаат капацитети за почитување и спроведување на „Протоколот за начинот и условите за организација на настани“, донесен од Владата.
Се упати и препорака до сопствениците на локации на кои се закажани овие настани, да не ги изнајмуваат локациите за организација на музички настани од масовен тип, доколку не постојат услови за почитување на одредбите од Протоколот.
Сепак, дали и колку ќе се почитуваат мерките, и дали масовната посетеност на Охрид ќе резултира со зголемен број на Ковид-19 случаи, најмногу зависи од личната одговорност и свеста на гостите, како и на угостителите и организаторите на настаните.
Вики Клинчарова