Новоименуваниот амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската Унија, Микалис Рокас, денеска ги предаде копиите од акредитивните писма на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
На средбата во Министерството, како што информираат оттаму, Муцунски истакнал дека дипломатската мисија на Рокас започнува во исклучително важен момент за европската иднина на земјата. Во таа смисла министерот Муцунски изразил уверување дека со силна заемна посветеност ќе успееме да обезбедиме одлучен напредок на патот кон реализацијата на нашата стратешка определба за идно членство во ЕУ.
„Министерот Муцунски го нагласи и задоволството од досегашната континуирана поддршка на Европската Унија за унапредување на реформските процеси, стабилноста и просперитетот на земјата, и ја потенцираше нашата подготвеност за натамошно продлабочување на меѓусебното партнерство засновано на заедничките вредности и интереси“, се наведува во соопштението.