Видео клип на кој млада девојка со попреченост, сместена во трошна соба без елементарни услови за живот добива пица како донација, вчера ја потресе јавноста.
Нечовечните услови во кои е сместена девојката заедно со нејзината мајка, во село Мирковци, наидоа на низа реакции. Граѓаните прашуваат како може да им се помогне на овие луѓе заборавени од институциите и општеството, кои преживуваат во опкружување под секое ниво.
,,Фокус” стапи во контакт со Јовица Кукуновски, сопственик на пицерија кој е лицето што и ја подава храната на девојката. Тој вели дека откако го посетил семејството нема мир и е решен да даде се од себе да помогне. Но, открива дека не е само Маја таа на која и е потребна помош во овој период, туку се работи за десеттина семејства кај кои однел храна во тек на вчерашниот ден.
-Во мојата пицерија дојде автоелектричарот Саре од село Бразда. Тој има сестра со хендикеп и ми кажа дека сакал да помогне на луѓе кои се во тешка состојба овој период. Донираше 4.000 денари, а јас се распрашав на кои фамилии им е најпотребна помошта, за да им однесам храна. За Маја и нејзината мајка Божана знаев од порано. Таа има и болно братче, со нив во една соба живее и лицето кое ја чува стоката, сите се на едно место, во страшни услови. Многумина ме критикуваа зошто го објавив видеото јавно, ама само на тој начин јавноста слушна и виде како некои луѓе преживуваат. Многу граѓани се јавија да понудат помош, да се надеваме дека со помош на хуманоста ќе се олесни барем малку животот на ова семејство – раскажува Јован.
-Посетив повеќе семејства, има неколку стари лица кои живеат сами, има едно семејство со осум дечиња, на сите им однесов оброк. Денес кај Маја заедно со сопругата ќе однесеме кревет и облека. Донациите може да бидат од помош, но не се трајно решение, институциите мора да се заложат уште веднаш за овие луѓе! Сликите кои ги затекнав во тек на вчерашниот ден, кога заедно со мојот пријател Јовица Терзиски носевме помош во скопска Црна Гора не треба да се кријат, туку да ја разбудат јавната свест. Не смееме овие луѓе да ги оставиме на милост и немилост, мора да се помогне – потенцира Кукуновски.
Со цел да се вклучат сите хумани граѓани кои сакаат да и помогнат на Маја и на останатите семејства кои се на работ на преживување, тој вели дека може да се донира на сметката за донации на здружението ,,Свети Атанасиј Велики” Глуво.
Известува дека сите собрани средства ќе бидат наменети за подобрување на условите на живот на семејствата, како и за набавка на храна и средства за хигиена.
-Лично ја знам мајката на Маја, повеќе пати доаѓала кај мене во пицеријата и да бара пари. Не и давам пари, туку млеко или храна, бидејќи таа има попреченост и се случува парите да ги потроши за цигари. Затоа сметам дека е најдобро донациите да се уплатат на сметката на здружението, и со нив да се однесе она што е најпотребно за семејството, наместо на рака да се даваат пари – вели Јовица.
,,Фокус” уште во тек на вчерашниот ден се обиде да стапи во контакт со лица од Локалната самоуправа од Мирковци, со цел да дознаеме дали општината е запозната со случајот и има ли најава за конкретна помош во најбрз рок. До објавата на текстот не добивме повратен одговор.
Хуманитарната сметка на здружението која ја објави Јовица Кукуновски, а на која може граѓаните да донираат за Маја и останатите семејства е: 370 001100177423 Централна Кооперативна банка Скопје Здружение Свети Атанасиј Велики, Глуво Со назнака за донаци.
Вики Клинчарова