Секретарот на бугарскиот клуб Цар Борис Трети, 21-годишниот охриѓанец Христијан Пендиков, кој синоќа бил натепан пред ресторан во Охрид од страна на три лица, поради што бугарското МНР кажа дека ќе поднесе протестна нота до нашата амбасада во Софија, пред пет години, уште како малолетник се најде во повеќе светски медиуми.
Имено, негова фотографија, на која вее знаме во едната рака, а со другата распрскува спреј во црвена боја, за време на митинг на ВМРО ДПМНЕ, одржан на втори јуни во 2018 година, се најде во повеќе светски медиуми, помеѓу кои и Вашингтон пост, АП њуз и други.
Станува збор за митингот под мотото ,,Македонија ќе победи”, на кој беа упатени критики за власта предводена од СДСМ. Тоа беше прв митинг организиран од тогашното ново раководство на ВМРО ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски. Освен што беше дел од митингот на ВМРО ДПМНЕ, сегашниот секретар на бугарскиот клуб на својот социјален профил има голем број на фотографии на кои позира во маица со ликот на Тодор Александров, со останати повозрасни членови на здружението.
Во врска со вчерашниот настан, за кој бурно реагираше бугарското МНР, каде Пендиков наводно бил тепан поради тоа што се самоопределил како Бугарин, охриѓани раскажуваат дека всушност се работи за пресметка помеѓу лица кои од порано имале недоразбирања, кое не се поврзани со политика. Секретарот исто така е познат на службите како лице против кое има кривична пријава, откако минатиот месец полицијата му пронашла кокаин.
Вики Клинчарова