Фатиме Фетаи е првата жена на јавната сцена во Македонија, која, без разлика на професијата, не се плаши да покаже индивидуалност. Да ја избирале на некој кастинг, би можеле многу да се помачат, на исто место, да ги најдат интелигенцијата, убавината, ставот, пркосот, стилот и шармот.
Онаа фантастична црвена боја кармин со која внимателно е накарминисана нејзината уста и која се менува откако излезе на сцена, таа не го свртува, туку го комплетира вниманието со кое треба да се посматра. Доказот дека судниците не се полни со сериозни, сиви дами, кои судат криво, а си мислат дека тоа е право и правилно, тоа е Фетаи.
Експресивноста со која настапува, сигурноста, дури и агресивноста, сака да покаже колку треба да биде сфатена сериозно. Таа е ѕвезда, која во гламурот и славата не верува и дозволува надворешната перцепција на неа и таа самата според вкус да бидат исти или различни работи. Истовремено, нејзините костими не се широки и сиви, нејзиното лице е нашминкано, а косата помодерна отколку што дозволува функцијата. Споено со улогата што ја има во моментов, тоа е добитна комбинација.
Кога ја гледате, ѝ се восхитувате на нејзината бескомпромисност, младост, на нејзиниот тен и на љубовта кон секоја добра, вистинита и искрена реченица. Таа ги руши сите правила, ги гази под нозе и воспоставува нови, кои луѓето ги обожаваат.
Имало и други убави жени во политиката, кои ги убил опортунизмот и непобитниот факт дека се жени искористени од своите машки колеги и во нивна функција. Затоа стилот и ставот на Фатиме Фетаи се од исклучителна важност за ова патријархално и конзервативно општество, без да се зема предвид причината поради која се појавила.
Ако некому ви доаѓа да му викнете со насмевка и ракоплескање, тоа е таа: Go, Fatime, go!
О.Д.