Локализиран е пожарот во млекарницата Хит 73 во Камењане, по речиси два часа гаснење на огнот од страна на пожарникарите.
Дежурните во Територијалната противпожарна единица во Тетово информираа дека пожарот бил пријавен во 18 часот и 20 минути, по што сите пожарникари на смена заминале на интервенција со четири камиони. На интервенција дошле и пожарникарите од ноќната смена која почнува од 19 часот.
„Во моментов го локализиравме пожарот, отсековме еден дел од фабриката, сега гори долниот дел од фабриката, поголемиот дел е изгаснат. Спасувавме со багери и слична механизација. Дојдоа пожарникари од други градови, помагаа и локални фирми со цистерни и механизација. Мислам дека целосно ќе биде ликвидиран за неколку часа. Не можам да ви кажам од што избувнал. Штетата е голема, фабриката е со полн капацитет. Фала му на Бога што нема жртви или загрозени, изјави Авни Амети, командир на ТППЕ Тетово.
Од Центарот за управување со кризи информираа дека на помош стигнале и пожарникари од Гостивар, Скопје и Кавадарци.
„БППЗ на Град Скопје со 2 возила е стигната на пожарот во Тетово, информираше Стојанче Ангелов, директор на ЦУК.
Густиот чад од пожарот во млекарницата која се наоѓа на десетина километри од Тетово се забележуваше и во градот, а се чувствува и непријатната миризба.