Синоќа во споменикот „Илинден“ во Крушево беше отворена изложбата на македонскиот графички дизајнер и ликовен уметник, Зоран Кардула, насловена како „Star Makedonium Wars“.
Истата ќе биде отворена во наредните две седмици за посетителите, а вчерашните први впечатоци се одлични и за самиот Кардула. Тој во краток разговор за „Фокус“ кажа нешто повеќе за оваа изложба, но и за самата инспирација што ја имал.
„Инспирацијата е од „Македониумот“, нормално, дека сум крушевчанец. Опседнат сум и со филмскиот серијал „Војна на ѕвездите“ и таа конекција секогаш ја гледав помеѓу овие два моменти. Од друга страна, споменикот „Македониум“ е изграден три години пред прикажувањето на филмот „Војна на ѕвездите“ во 1977 година. Прво почнав комбинација на „Војна на ѕвездите“ со споменици од поранешна Југославија“, вели Кардула.
Овие уметнички творби се работени подолго време, а како што додава нашиот соговорник, се опседнал со нивно завршување.
„Се навлеков да направам цел серијал само со споменикот „Македониум“. Работено е по етапи, опседнат бев додека не ја завршив. Првите творби ми се завршени за Илинден пред две години, вториот дел се работени пред година дена и така го комплетирав целиот серијал. Многу ми е драго што реакциите на луѓето се убави“, го заврши разговорот Кардула.
За него, ова е втора изложба во Крушево, откако пред 30 години се претстави со негова прва изложба во црквата „Св. Јован“.
Фото – Сотир Габелоски, Зоран Кардула, Фокус
Јорданчо Цветаноски