ФОТО: Кафулињата отворија, некој почитува мерки, останува на граѓаните како ќе се однесуваат

by Fokus

Кафулињата и рестораните, по два и пол месеца пауза, од денеска ги отворија своите тераси за гости. Ќе работат само оние локали што располагаат со тераси, а на секоја маса ќе може да седат по максимум четири лица.

Но сепак иако дел од сопствениците се потрудија максимално да ги испочитуваат предвидените мерки, останува на свеста на граѓаните дали ќе ги почитуваат, растојанието, а и носењето маски.

Фото: Томислав Георгиев

Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана предвидува дека работното време е ограничено од 8 часот до 22 часот. Поконкретно, ќе работат само отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување кои од три страни отворени со кровна конструкција. Сите вработени кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце.

Се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице.

На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси треба да се обезбеди растојание од столче до столче од еден и пол до два метра со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица или максимум четири лица ако се семејство.

Според протоколот, дозволено е максимум 12 лица на споени маси заедно, со задолжително растојание помеѓу секој гостин од еден и пол метар.

На секоја маса треба да има дезинфекциско средство за раце, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена – често миење раце при прием и послужување на храна од страна на одговорно лице.

Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05 отсто натриум хипохлорит (5 отсто белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70 отсто алкохол за дезинфекција на горни површини.

Редовното одржување на тоалетите е исто така задолжително, со водење евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства. Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.

Организирање на прослави, свадби, родендени, крштевки, во оваа фаза на протоколот, е забрането. Работата во затворените објекти и тие што немаат тераси, пак, ќе се регулира во наредната фаза. Угостителите кои денеска треба да ги отворат терасите велат дека мерките доследно ќе ги почитуваат, но, сепак, се надеваат на одредени измени.

 

Поврзани новости