Гинеколошкото одделение во штипската Клиничка болница повторно е мета на критики, откако пред два дена таму почина 26-годишната родилка Билјана Коларова-Ничева и нејзиното новороденче, која 12 часа пред да почине побарала помош во болницата жалејќи се на висока температура, стомачни болки, повраќање и болки во градите. Таа била вратена дома, при што лекарите ја советувале температурата да ја симне по природен пат.
Лекарскиот тим од болницата тврди дека нема лекарска грешка, туку, според нив голема е веројатноста токсичен шок да е причината за смртта на родилката и нејзиното бебе.
Новиот случај на почината родилка повторно ги отвори актуелните прашања и обвинувањата на лекарите за лошата состојба во која се наоѓа штипската Клиничка болница, катастрофалните услови во кои работат лекарите, а се лекуваат пациентите, немањето основни материјали за работа, гази, инфузии, инекции, лекови….како и недостигот на лекари-специјалисти со кој веќе со години кубури болницата.
„Фокус“ располага со фотографии од тоа како изгледа гинеколошкото одделение во Клиничката болница во Штип од кои може да се забележат уништените санитарни јазли, нечистите тоалети за кои како што велат пациентките лесно може да се фати бактерија….
Во меѓувреме, еден од крупните проекти што се повторуваат во повеќе изборни програми на ВМРО-ДПМНЕ и говори на екс премиерот Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров е неколкупати најавената изградба (реконструкција) на Штипската клиничка болница, која треба да чини околу 30 милиони евра. Најпрвин се најде во изборната програма во 2006 година, за неколку години подоцна, во 2008 и 2011 година повторно да се провлекува истото ветување.
Се остана само на празни илузии, па една година подоцна, во март 2013 година, Тодоров најави дека реализацијата на проектот ќе почне кон крајот на годината, а на 17 ноември, по третпат истата година, Тодоров и Груевски најавија дека во февруари 2014 година ќе почне изградбата на штипската клиничка болница. Тоа не се случи, па година и пол подоцна, на 7 август 2015 година во Порта Македонија, министерот Тодоров повторно промовираше изградба на нов Клинички центар во Штип, чиј камен-темелник е планиран за октомври истата година, а доколку сѐ тече според плановите, изградбата треба да заврши во август 2017 година.
Ирена МУЛАЧКА