Во Министерството за внатрешни работи се пријавени неколку инциденти и појава на графити со навредлива содржина кон албанскиот дел од популацијата, кои осамнале по изгласување на Законот за употреба на јазиците.
Институтот за духовно и културно наследство на Албанците ноќта по носењето на Законот бил исчкртан со графити на кој пишува „Смрт за шиптари“. Се уште не е утврден идентитетот на сторителот кој ги испишал овие графити на објектот кој се наоѓа на булеварот „Илинденска“.
Од Институтот ги осудија вандалните напади.
„Како во 1999 кога по бомбардирањата на НАТО некои хулигани ја запалија Амбасадата на САД во Скопје, синоќа повторно – по усвојување на Законот за употреба на јазиците – овој објект, кој сега е на користење на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците, повторно е нападнат и вандализиран од такви хулигани. Како единствена институција која во своите активности била отворена кон сите етнички и религиозни заедници, изразувајќи интерес и за помалите заедници, како што се Евреите и нивната заштита, ИДКНА го осудува овој вандален чин и изразува жалење што, и покрај целиот напор за афирмација на сите заедници во земјата, сепак се напаѓа ова гнездо на мултиетничкото општество во Македонија“, соопштија вчера од таму.
Од Институтот бараат безбедносните органите да ги најдат и сакнкционираат сторителите и ги повикуваат сите заедници во земјата да бидат ладнокрвни и да не потпаѓаат на ваквите провокации.