Моментално во Струмица се одржува традиционалното интернационално карневалско дефиле, еден од најпрепознатливите белези на општината, и градот е преполн со посетители кои уживаат во креативните маски на бројните учесници од земјава и странство.
Но, иако денешниот ден е еден вид на празник на Струмица, градоначалникот Костадин Костадинов ја изненади јавноста со соопштението кое го објави пред неколку часа.
Како што појаснува, на првата наредна седница на Советот тој ќе поднесел точка со која сите членови на карневалскиот одбор ќе биле разрешени, бидејќи постоеле обиди за партизација на карневалот.
– Нашиот карневал е составен дел на нашиот идентитет и никој ама баш никој нема право да го чепка, разурнува или да прави груби обиди за партизација.
Сметам дека е време за одлуки, Карневалскиот одбор е тело во состав на Советот на Општина Струмица.
Денеска го известив Претседателот на совет дека на прва наредна седница ќе поднесам точка со која сите членови на карневалскиот одбор ќе бидат разрешени!
Се надевам дека предлогот ќе биде прифатлив за огромно мнозинство на советот.
Дополнително, нови членови да се одберат по пат на Јавен Повик на кој ќе можат да се пријават луѓе, локал патриоти вљубеници во културата, млади кои сакаат да го градат духот на карневалот така како што заслужува Струмица.
И да, немам дилеми тоа да го соопштам токму денес на денот на главната карневалска вечер, за да биде јасно и прецизно тоа што многу сериозно го говорам.
Јас сум бил и останувам на страната на народот, соопшти Костадинов.
Инаку, додека вечерва се одвива дефилето, струмичани се подготвуваат и за утрешниот ден, кога традиционално се одржува Детскиот карневал. Манифестацијата ќе трае до среда, кога карневалистите симболично му го враќаат на градоначалникот клучот од градот.
Вики Клинчарова