(ФОТО) Ефект од замрзнувањето на цените: Праски од 675 денари и копање фискални сметки

by Fokus

Цените само делумно се намалени, а на некои намалувањето е еднакво на покачувањето на цената кое се случуваше во последните седум дена од јануари, е заклучокот на дел од граѓаните кои редовно пазарат во поевтините супермаркети.

Одлуката на Владата да ги ограничи маржите и да ги замрзне цените на одредени производи не донесе големо намалување токму поради тоа што како крајна цена која треба да се намали беше земена цената на 1 февруари кога маркетите веќе ги имаа поскапено најважните производи.

Пример за тоа е пакување од 200 грама со турско кафе кое пред мерката на владата со месеци држеше цена од 75 денари. Во последната недела од јануари скокна на 90 денари, а со намалувањето има цена од 88 денари. Ова значи дека кафето е поскапено за 15 отсто.

Во некои од маркетите може да се видат и астрономски цени на овошјето од увоз, како праски кои чинат 675 денари за килограм.

А, пред некои маркети може да се видат и граѓани кои буричкаат во ѓубрето со хартија, за да најдат фискални сметки за скенирање.

Од Организацијата на потрошувачи велат дека засега немаат поплаки, но граѓаните можат да се обратат ако нема намалување на цените.

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се на терен и вршат контроли, а казните за непочитување на одлуките се од 500 до 10.000 евра.
Комисијата за заштита на конкуренцијата соопшти дека е поведена прекршочна постапка против неколку маркети, откако биле пронајдени докази дека ги договарале цените.

Според владината одлука за ограничување на бруто профитните маржи и замрзнување на цените на дел од производите, маркетите веќе треба да имаат намалени цени.

Маржата е ограничена на над 1000 производи: 5% за основните прехранбени производи, 10% за месото, млечните производи, шеќерот, тестенините и конзервираната храна, а 15% за 40-тина други прехранбени производи и средства за хигиена.

O.K.

Поврзани новости