Минусните температури се присутни веќе повеќе денови во Крушево, со што ги замрзнаа снегот низ градот создавајќи и слој од мраз.
Главната улица низ градот е чиста, но крушевчани се жалат дека дел од уличките кои се низ градот, не се исчистени соодветно.
„Мраз и само мраз, ни сол ни камче, ни заинтересираност од страна на власта. И не е важно што крушевчани одвај одат по леб“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ Крушево.
Директорката на ЈП Комуна Крушево, Станка Ефремова Трајкоска за „Фокус“ тврди дека не постои улица што не е соодветно исчистена од надлежните служби задолжени за таа работа.
„На некои улици ние го чистиме снегот уште додека врне, а осумпати досега е фрлена сол низ улиците во Крушево. Знаеме дека постојат улички кои самите крушевчани си ги направиле за да си го скратат патот и проблемите со замрзнување на снег и појава на мраз е најчесто таму. Тоа се сокачиња и не се заведени како улици и механизацијата тешко може да дојде до тие места. Сепак, ние оставаме доволно средства на жителите од тие улици за да си го олеснат патот“, истакна Ефремова-Трајкоска.
Јорданчо Цветаноски