Првата група на граѓани од Авганистан пристигна вечерва на скопскиот меѓународен аеродром. Станува збор за група од 149 граѓани на Авганистан, вработени во меѓународната организација Отворено владино партнерство каде што Северна Македонија е официјално членка, како и вработени и соработници на „Транспаренси интернешнл“, Светски економски форум и други меѓународни организации.
„Станува збор за граѓани кои беа животно загрозени од талибанските структури и на кои им помагаме да си го спасат животот. Тоа се граѓани кои 20 години работеа за демократските институции, мисии и меѓународни организации во Авганистан“, истакнаа од Владата.
Инаку, првичниот контакт со граѓаните на Авганистан ќе го има Црвениот крст, Министерството за внатрешни работи ќе ги спорведе сите безбедносни проверки, а Министерството за здравство ќе обезбеди ПЦР-тестови и можност за вакцина. Ќе бидат сместени во хотели и мотели, како што беше претходно најавено.