Членовите на ВМРО-ДПМНЕ, обединети во Форумот на слободоумни патриоти, реагираат на донесувањето на Законот за употреба на јазиците, што, според нив, е грубо кршење на Уставот.
„Сокривајќи ваков клучен закон под Европското знаменце е класична злоупотребата на позитивните законски прописи и манипулација со волјата на мнозинството на граѓани на Република Македонија. Ова е посебно важно бидејќи Еврокомесарот Хан нагласи дека нема потреба од донесување на ваков закон, што укажува на фактот дека истиот не е на агендата на Евро-атланската интеграција на Република Македонија“, велат од таму.
Од Форумот му порачуваат на Заев сам да ги подмири трошоците кои би произлегле од имплементација на Законот.
„Сакаме да му укажеме на Заев, неговите министри и пратеници кои го гласаа овој штетен Закон дека граѓаните на Република Македонија не се должни да го финансираат нивното опстојување на власт по секоја цена и ги повикуваат трошоците за имплементација на овој штетен Закон да ги платат од сопствен џеб, а не од Буџетот на РМ. За крај го повикуваме Иванов да не го потпишува овој штетен закон и јавно да ги објави гаранциите на Заев од кои ќе се види дека Заев лажеше само со цел да дојде на власт“, додаваат од таму.