Покрај стремежите кон европска интеграција и поголема демократизација на регионот, младите луѓе од Западен Балкан ги обединуваат заеднички предизвици, а зголемената соработка меѓу младите е клучен чекор кон помирување и надминување на денешните проблеми. Оваа порака беше пренесена на Форумот за млади од Западен Балкан, кој се одржа на 13 и 14 октомври во главниот град на Германија, Берлин.
Организиран од Регионалната канцеларија за соработка на младите (RYCO), Германско-француската младинска мрежа (OFAJ DFJW) и непрофитната организација „Бургер Европеас“, под покровителство на Самитот на Берлинскиот процес, Форумот за млади од Западен Балкан собра повеќе од 100 учесници, меѓу кои претставници на владите од регионот, претставници од земјите на Европската Унија и институциите на ЕУ, како и млади луѓе од Западен Балкан и европските држави. Оваа година, Форумот беше фокусиран на одбележувањето на десетгодишнината од Берлинскиот процес, што беше можност за учесниците да се осврнат на постигнатите резултати и да ги разгледаат идните чекори за унапредување на соработката меѓу младите во регионот.
Во своето обраќање на отворањето на Форумот, генералниот секретар на RYCO, Алберт Хани, изјави дека преку Берлинскиот процес како платформа за соработка се постигна многу во изминатите десет години, но дека младите всушност се вистинската движечка сила на овој процес.
„Вие сте архитекти на иднината и гласот на промената. Вашата енергија, креативност и решителност нè инспирираат сите нас да се стремиме кон подобар и поуспешен регион“, рече Хани и ги повика регионалните и европските институции да обезбедат уште посилна поддршка за поактивно вклучување на младите во процесите на одлучување, поттикнување на соработката и надминување на предизвиците од минатото.
Тој нагласи дека основањето на RYCO во рамките на Берлинскиот процес испраќа силна политичка порака дека владите од регионот се подготвени за соработка, но дека постоењето на RYCO се темели не на интереси, туку на вредности.
„Нашата мисија е да ги разбиеме стереотипите, да ги надминеме поделбите и да ги охрабриме младите да преземат одговорност за својата иднина и за иднината на регионот. Ставајќи ги младите во центарот на вниманието, ние работиме на создавање услови за напредок на регионот и создавање средина во која младите од Балканот ќе бидат рамо до рамо со своите врсници од земјите на ЕУ.“
Генералниот секретар Хани потсети дека преку програмите и иницијативите на RYCO се организирани повеќе од 400 активности, директно вклучени или оспособени се околу 60.000 млади, а поддржани се над 240 организации од граѓанското општество. Тој додаде дека во следниот период RYCO ќе продолжи да ги поддржува младите преку нови проекти и иницијативи за понатамошно зајакнување.
Говорејќи на Форумот за млади од Западен Балкан, директорот за Западен Балкан во германското Сојузно министерство за надворешни работи, Мајкл Рајфенштеул, ја истакна важноста на Берлинскиот процес, особено во делот на приближување на Западен Балкан кон Европската Унија.
„Соработката се одвива како внатре во самиот регион, така и во делот на поврзување со европските земји, и тоа го гледаме на полето на трговијата, размената и интеракцијата“, рече Рајфенштеул.
На Форумот за млади од Западен Балкан учествуваше и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, кој е исто така член на Управниот одбор на RYCO.
Говорејќи на панелот „Европскиот проект низ призмата на младите“, министерот Лимани изјави дека младите претставуваат клучна демографска група која го обликува идентитетот на Европа.
„Вклучувањето на младите од Западен Балкан е исклучително важно, бидејќи тие и според аспирациите и географски припаѓаат на Европа, и затоа нивниот глас, аспирации и предизвици мора да бидат дел од нашите политики“, порача министерот Лимани.
Тој додаде дека младите се и сегашноста и иднината, и од нив зависи какво општество ќе имаме, додека од институциите зависи да им овозможат ресурси, пристап и вклученост во реализацијата на нивните идеи.
„Заедно, не само на локално, туку и на регионално ниво, можеме да направиме многу повеќе за сите млади да имаат еднакви шанси за напредок. Ве повикувам да работиме заедно, и оваа десетгодишнина на Берлинскиот процес нека биде поттик за нови идеи, нови иницијативи и нова енергија за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан“, рече министерот.
Првиот ден од Форумот на млади од Западен Балкан заврши со изложбата под наслов „SIX STEPS UP“, која претстави портрети на шест млади луѓе од регионот, проследени со нивните лични приказни за соработката меѓу младите во регионот. Форумот како главен настан беше претходен и од меѓународна младинска размена под наслов „Биди активен – учество на младите за демократска иднина“, која собра 30 млади учесници од регионот на Западен Балкан и 12 учесници од Франција и Германија. Преку запознавање со неодамнешната историја на Германија, учесниците научија за предизвиците на помирувањето и за начини на вклучување во локалната политика и граѓанското општество за изградба на мирна и одржлива иднина. Меѓу учесниците кои имаа можност да се запознаат со млади политичари од германскиот Бундестаг и претставници на граѓанското општество, како и да разговараат за учеството на младите и улогата на локалната политика во ЕУ, беа и пет млади од Северна Македонија: Маријана Ангелова, Берин Мухамед, Бошко Георгиев, Рита Бехадини и Теа Цветановска.
Фокусот на вториот ден од Форумот беше на стратешкиот пристап на RYCO кон изградбата на мир и помирување на Западен Балкан, споделување на досегашните искуства и планирани цели за наредниот тригодишен период. Преку серија панел-дискусии, учесниците разменија мислења за положбата на младите, регионалната соработка и позицијата на RYCO како регионален меѓувладин механизам, како и за модалитетите за подобрување на соработката во следниот период.
Во рамките на вториот ден од Форумот, на панелот кој се фокусираше на динамиката на соработката на младите од Западен Балкан, учество зеде и заменичката министерка за европски прашања, Викторија Трајков, која истакна дека младите треба да ги користат програмите за размена како што се „Еразмус плус“ и други програми кои придонесуваат за поврзување на младите луѓе во регионот и пошироко.
Форумот исто така беше можност да се најави отворањето на шестиот повик за финансирање на проекти на граѓанските организации во регионот, со цел обезбедување нови можности за соработка и мобилност на младите.
Форумот за млади од Западен Балкан се организира континуирано од 2021 година во рамките на Самитот на Берлинскиот процес, и претставува единствена платформа за директно вклучување и поврзување на младите, како и на професионалците кои работат во секторот за млади на регионално и европско ниво.