Формиран тим од Полска, Литванија и Украина за истрага на воени злосторства

by Fokus

Агенцијата на Европската унија за соработка на правосудните органи Евроџаст денеска објави дека им помогнала на Полска, Литванија и Украина да формираат заеднички тим за истрага на воените злосторства, злосторствата против човештвото и други злосторства извршени во Украина.

Агенцијата со седиште во Хаг соопшти дека трите земји во петокот потпишале договор за формирање тим на кој Евроџаст му обезбедил правна и техничка поддршка.

Евроџаст наведува дека главната цел на тимот е „да го поддржи собирањето докази, брзата и безбедна размена на докази меѓу партнерите, како и пренос на информации и докази“.

Агенцијата додава дека тимот ќе им помогне на Полска, Литванија и Украина да соработуваат со Обвинителството на Меѓународниот кривичен суд, кое исто така отвори истрага за злосторства во Украина.

Во текот на првиот месец од руската војна против Украина, полските обвинители соопштија дека собрале околу 300 сведочења од бегалци кои ја преминале границата.

Заедничките истражни тимови им помагаат на државите да ги здружат ресурсите и знаењето за време на сложени меѓународни истраги.

Холандија и другите земји формираа таков тим за да го истражи соборувањето на авионот на Малејжа ерлајнс над источна Украина во 2014 година.

Поврзани новости