Повеќе истакнати новинарски имиња формираа Новинарски пленум. Нивното прво официјално соопштение ви го пренесуваме интегрално:
Злосторства во ударните термини (Prime time crime)
Зошто Новинарски пленум?
Пленумот стана симбол за граѓанско будење и покренување акции за промена на состојбите во државата. Студентите како најпрогресивна сила во општетството со право станаа предводници на тие промени, на кои се приклучуваме и ние.
Соочени со сложеноста на ситуацијата во државата во која информирањето на јавноста игра огромна улога, чувствуваме потреба да не стоиме на страна од случувањата и да ја потенцираме одговорноста во вршењето на новинарската професија. Во моментот со упад во професијата и злоупотреба на новинарските принципи се случува „злосторство во ударните термини”. Јавноста воопшто не е информирана за важни случувања од општествно политичкиот живот, таа е дезинформирана и изманипулирана.
Во овие вонредни услови на криза во државата, особено е сензитивна улогата на МРТВ како јавен сервис кој што не ја исполнува својата цел – почитување на јавниот интерес и информирање на граѓаните. Оттука, како Новинарски пленум потсетуваме на одговорноста особено на јавниот сервис во доставување непристрасни и балансирани информации до граѓаните со што има една од клучните улоги во разрешување или натамошно продлабочување на кризата. Не навлегувајќи во мотивите за злоупотреба на професијата, повикуваме дезинформирањето и пропагандата веднаш да запрат и да отстапат пред јавниот интерес и непристрасното информирање.
Долго време се соочуваме со етикетирање и поделби во професијата на новинари кои наводно ја поддржуваат власта и оние кои ја подджувале опозицијата. Оваа прилика ја користиме да нагласиме дека ова се лажно креирани перцепции чија единствена цел е дискредитирање на интегритетот на нашата професија. Единствената поделба е на професионалци и непрофесионалци. Затоа остро се спротиставуваме на упадот извршен во професијата, а поддржан директно од владеачките структури.
Истовремено, ги поддржуваме активностите на генерал Стојанче Ангелов за „ослободување” на „окупираниот” јавен сервис МРТВ и неговата иницијатива ја разбираме како граѓанска мобилизација во обид да се обезбеди уставно загарантирано право на граѓаните да бидат информирани, а не да бидат дезинформирани и изманипулирани или да им се ускратуваат важни информации. Во едно демократско општество партиципативната улога на граѓаните е суштинска во функционирање на таа демократија.
Непрофесионалниот однос на уредничкиот тим во МРТВ доведува не само до продлабочување на кризата туку и до крајно понижување на професијата.
Со почит
Новинарски пленум
Јадранка Костова,
Оливера Трајковска,
Борјан Јовановски,
Ацо Кабранов,
Мухамед Зеќири,
Ида Протугер,
Биљана Секуловска,
Катерина Блажевска,
Драган Антоновски,
Тамара Чаусидис,
Санта Аргирова,
Искра Новаковска,
Боби Христов,
Звездан Георгиевски,
Сашка Цветковска,
Владо Апостолов,
Менче Точи,
Љубиша Арсиќ,
Зоран Димитровски,
Ирена Мулачка,
Јане Димески,
Љупчо Бубо Каров,
Јован Постоловски – Јофе,
Јасминка Аневска,
Среќко Поповски,
Христијан Стојчевски,
Александар Јанев,
Лени Фрчкоска,
Славица Филиповска,
Теофил Блажевски,
Васко Попетревски,
Владимир Мирчевски