Фонтаната на градскиот плоштад во Неготино, која граѓаните неофицијално си ја нарекоа ,,Џенти Ди Треве” според прекарот на поранешниот градоначалник Ванчо Апостолов – Џенти во чиј мандат беше изградена, сепак има надеж дека ќе проработи.
Честите прашања на граѓаните, зошто фонтаната која беше изградена и пуштена во употреба во 2017 година, и требаше да биде белег на градот, работеше краток период, и дали некогаш се планира да биде вратена во функција, се актуелизираат секое лето. Одговорот од надлежните е дека станува збор за дефект, чие санирање и изнесувало околу 600.000 денари.
Во времето кога се изгради фонтаната, според општински информации, првично требало да изнесува околу 60.000 евра, но потоа, со тек на изведувањето на проектот, трошоците за изведба пораснале. Беше потврдено дека станува збор за средства обезбедени од буџетот на општината, но колку точно ова задоволство го чинеше градот, никогаш не беше официјално потврдено.
Уште во периодот кога се најави проектот, тогашната опозиција СДСМ, обвинуваше дека во град каде се живее со рестрикции на водата за пиење, неразумно е да се инвестира во фонтана.
Обвинуваа дека Апостолов ја видел фонтаната изградена за време на мандатот на Стевче Јакимовски во Карпош, се воодушевил од истата, па решил и во Неготино да изгради слична, и бараа средствата да бидат пренаменети за нешто покорисно.
Сепак, тогашниот градоначалник порача дека нема место за грижи, бидејќи било предвидено фонтаната еднаш да се наполни со вода, а потоа истата вода да циркулира и да се филтрира, што значи дека нема да има потрошувачка на вода за истата.
Кога конечно по неколкумесечната работа беше пуштена во употреба, стана омилено место покрај кое граѓаните шетаа во вечерните часови, а посебно ги привлекуваше децата, поради интересните светлосни ефекти.
Но, уживањето покрај ,,Џенти Ди Треве” на неготинчани не траеше долго, а фонтаната за кратко време беше исклучена. Како што за ,,Фокус” појаснува градоначалникот д-р Горан Стојанов, причината за нефункционалноста на истата е поради голем дефект, за чие решавање веќе имало неколку обиди.
-Станува збор за проблем кој се јавува по секој дожд, треба да се изврши санација околу пумпата, го разгледавме проблемот кој воопшто не е едноставен. Целата процедура исто така не е ниту евтина, станува збор за сума од околу 600.000 денари кои се потребни за повторно оспособување на фонтаната.
Верувам дека наскоро проблемот ќе биде решен, иако поради фактот што сме општина со ограничен буџет, секогаш даваме приоритет на суштинските работи. Неготино се соочува со многу предизвици, потребно е средување и инвестирање во многу области, но се надевам дека и фонтаната ќе биде поправена – ни изјави градоначалникот.
Вики Клинчарова