Фондот за здравство за набавката на автомобилите: Возниот парк е застарен, последната набавка била во 2014 година

by fokus

Откако „Фокус“ објави дека Фондот за здравствено осигурување се поднови со два автомобили „mondeo titanium“, со вредност од по 41.300 евра, од Фондот, на нашето прашање за потребата од набавката, појаснуваат дека се обновува возниот парк кој бил застарен.

-Последната набавка на возила била направена во 2014 година, па со новите два автомобили се обновува возниот парк, бидејќи возилата набавени од пред 7 години имаат поминато по 300.000 км. Треба да се има во предвид дека во Фондот има 900 вработени, триесетина подрачни служби, па возилата се дотраени и амортизирани, ни одговорија од Фондот.

Според податоците објавени на сајтот на Бирото за јавни набавки, договорот за набавката, вредна 82.600 евра, бил склучен на 20 мај, помеѓу Друштво за производство, трговија и услуги МИ – ДА ГРАНД МОТОРС ДОО Скопје и двајцата директори на Фондот, Стево Крстевски и Фатон Ахмети.

Од договорот може да се види дека на тендерот учествувала само една компанија, а како критериум за избор е наведена најниска цена.

Од Фондот се одлучиле за набавка на две возила од производителот Ford, односно за автомобили од марката „mondeo titanium“.

В.В.

Поврзани новости