Лекувањето на младиот Леонид Индов во Градската општа болница „8 Септември“ ќе го покрие Фондот за здравствено осигурување, информираат оттаму. Како што соопштија од ФЗО, минатата недела Владата побарала да се смени претходната одлука на Фондот со која беше одбиено барањето за покривање на трошоците за лекување на Леонид, со тврдење дека има услови за лекување во земјата, без да се наведе каде е тоа.
„ФЗО врз основа на препораките од Австрија и ГОБ ‘8 Сптември’, ќе одобри употреба на лекови неопходни за ваков тип на третман. ФЗО е сервис на граѓаните, на сите оние кои имаат потреба од здравствени услуги. Работиме на воспоставување јасни правила за да се намали можноста од неправилности и злоупотреби. За тоа ги анализираме констатираните проблеми во извештаите на Државниот завод за ревизија, како и поплаките на граѓаните“, се наведува во соопштението од ФЗО.
Индов на 6 февруари беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи.
Две недели подоцна стигна веста дека Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделуваше повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.