Фондот за здравство го демантира Гацов

by Fokus

Фондот најостро ги отфрла обвинувањата на Дејан Гацов, поранешен вработен во ФЗОМ, кои тој невистинито и тенденциозно ги кажа во неговото интервју дадено на 24 мај 2017 година за веб порталот Нова. Реакцијата на ФЗОМ ја објавуваме во целост:

 Нема да дискутираме за кредибилитетот на г-дин Гацов, но од неговото напуштање на Фондот во 2010 година до денес, направени се крупни реформски чекори за кои очигледно нашиот поранешен колега не е запознаен.

 За проширувањето на заштитените имиња (брендови) за веќе постоечки генерики (генерички лекови), Фондот редовно прави ревизија, како што е и сегашната фаза со која се уредуваат референтни цени и нови заштитени имиња на лекови (објавено во Службен Весник). По завршување на преговорите со сите фармацевтски компании конечните цени и новите заштитени имиња повторно транспарентно ќе бидат објавени како што и се случуваше и во изминативе 8 години.

 Крајно контрадикторната e изјавата на г-дин Гацов, дека Фондот ја оштетил државата за 3.1 милиони евра, затоа што не ја намалил цената на некои генерики, а граѓаните тие пари треба да ги даваат од џеб. Просто зачудувачка е леснотијата со која се кажуваат небулози, бидејќи и во времето кога работеше г-дин Гацов во ФЗОМ, целта и идејата беше и сеуште е, граѓаните што помалку пари да даваат од сопствен џеб за да добиваат квалитетни лекови без никаква доплата.

 Г-дине Гацов, маркици за лекови Фондот не печати и не издава веќе 6 години, секој од 1 (еден) милион и (300)тристате илјади граѓани кои годишно подигнале лек на рецепт можеле и можат да видат дека нема никаква маркица од Фондот на кутивчето лекови.

За делот на Позитивната листа на лекови, Фондот не е надлежен како институција за проширување согласно закон од 2012 година.

Во врска со квотите за лекови, г-дине Гацов, видете го било кој извештај на Фондот кој е уредно, навремено и транспарентно објавен на веб страницата на Фондот и ќе ви стане јасно дека аптеките добиваат се повеќе и повеќе пари од страна на ФЗОМ.  Имено, од 2002 кога квотите биле 1 милијарда денари сега се 2,75 милијарди денари. Иако не ви беше тоа поентата, сакаме да Ви укажеме дека од кога го напуштивте Фондот, заедно со Фармацевтската комора изготвиме методологија по која се зголемуваат и намалуваат квотите на аптеките каде човек не игра никаква улога, туку се врши електронска распределба. За вашиот план за УРАМНИЛОВКА на квоти би Ви го укажале следново. Аптека која работи 20 и повеќе години и дошла до максимумот на квота од 944.000 илјади денари, колку за илустрација, денес г-дин Гацов ако отвори мала аптека до големата која работи 20 години, по неговиот предлог треба малата аптека  на г-дин Гацов да земе половина од квотата на големата аптека, односно 472.000 денари. Кој со здрав разум и било каква економска логика би го направил тоа, да потсетиме дека ова не е 1949 година, сепак!

 Очигледно е големото непознавање на проблематиката, неподготвеноста и чаршискиот муабет кој г-дин Гацов го пренесува во интервјуто. Мотивите за ова интервју му се само нему познати.

 

Поврзани новости