Никогаш нема да го заборавам 24 февруари минатата година, кога ние тројца стоевме овде на денот кога Русија ја започна својата брутална инвазија врз Украина. Тоа беше многу силен сигнал за единство и решителност. И со истото единство и одлучност денеска сме повторно тука за заедничка изјава, изјави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел по потпишувањето на заедничката декларација за соработка меѓу ЕУ и НАТО.
Таа рече дека кога почна руската инвазија врз Украина „очите на светот беа свртени кон источниот фронт на Украина но и кон институциите во Брисел, испитувајќи ја нивната подготовка и реакции“.
– И тој ден, светот виде колку силно бевме обединети и сè уште сме; заедно, во поддршка на украинскиот народ, но и против руската империјална војна. Оттогаш, нашето единство и решителност станаа само посилни, рече Фон Дер Лајен.
Таа потсети дека ЕУ и НАТО беа многу блиски партнери и пред бруталната војна на Русија, и ги тестираа и координираа нивните одговори на кризи преку многу заеднички вежби.
– Ја зголемивме нашата соработка против кибер-напади, за подобра воена мобилност, за борба против дезинформации; или преку решавање на хибридните напади против Летонија, Полска и Литванија организирани од режимот на Лукашенко. Се сеќавам на заедничкото патување во регионот со тебе, Јенс. Поради времето во кое живееме, знаеме дека мораме да го зајакнеме и сега да го продлабочиме ова повеќе од 20-годишно партнерство. Затоа што безбедноста на Европа е доведена во прашање и таа е под закана. Ова се рефлектира и во желбата на Шведска и Финска да се приклучат на НАТО. Со нетрпение очекуваме Шведска и Финска наскоро да станат членки на НАТО. Тоа се рефлектира и во укинувањето од страна на Данска од клаузулата за откажување поврзана со одбраната на ЕУ. Сето ова покажува дека сме свесни за предизвикот, но можеме да се спротивставиме, рече претседателката на Европската комисија.