Фон дер Лајен тврди: Ве сакаме во ЕУ

by fokus

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која е во посета на регионот, негираше дека Брисел се откажал од проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан. Таа рече дека нејзината посета е „експлицитна“ порака за европската перспектива на регионот.

-Мојата посета е исклучиво за европска перспектива, за да ве охрабрам. Доказот дека го сфаќаме ова сериозно е ревидирана методологија и голем инвестициски план. Нашата порака е јасна, ве сакаме во ЕУ – рече таа во Подгорица.

Инаку, Ројтерс објави текст дека во декларацијата за Самитот ЕУ-Балкан, закажан на 6 октомври во Словенија, ЕУ планирала да го повтори ветувањето за недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан.

Воедно, повикувајќи се на четворица дипломати, Ројтерс објави дека, плашејќи се од политички реакции во земји членки, Европската Унија веќе не може да се усогласи за да гарантира идно членство на шесте балкански земји.

Портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, пак, за Гласот на Америка изјави дека Самитот во Брдо кај Крањ во Словенија, предводен од ЕУ, ќе биде важна можност не само да се потврди европската перспектива на Западен Балкан, туку, како што рече, и да се преземат практични чекори кон понатамошна интеграција.

-Европската комисија е цврсто посветена на унапредување на пристапниот процес на земјите од Западен Балкан, вклучително и на Албанија и Северна Македонија – рече Писонеро.

Поврзани новости