Урсула фон дер Лајен – кандидатот на Европската народна партија и актуелна претседателка на Европската комисија вели дека е уверена дека ќе добие нов мандат и потребното мнозинство во новоизбраниот Европски парламент.
„Да, уверена сум за новиот мандат, но секако има уште многу работа пред мене“ – изјави Фон дер Лејен.
По објавувањето на првичните резултати за Европскиот парламент, таа изрази задоволство од успехот на Европската народна партија (ЕПП), која и натаму останува со најмногу претставници и како што рече Фон дер Лајен „сидро на стабилноста“.
„Овие избори ни испратија две пораки, првата е дека сè уште има центристичко мнозинство за силна Европа и тоа е клучно за стабилноста. Но, точно е и дека екстремистите од лево и од десно добија поголема поддршка на европските изборите, но партиите на центарот го задржаа мнозинството и затоа овој резултат бара уште поголема одговорност на партиите од центарот“ – рече Фон дер Лејен.
Најави дека од денеска ќе започне разговори со Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и либералната „Да ја обновиме Европа“ (РЕ) за продолжување на изградбата на „конструктивниот и докажан однос“. Таа рече дека секој кој е проевропски, кој ја поддржува Украина и владеењето на правото е добредојден.
„Можеби се разликуваме по поединечни точки, но сите имаме интерес за стабилност и сите сакаме силна и ефективна Европа“, додаде таа.
Таа посочи дека светот е во превирања, дека силите внатре и надвор од ЕУ се обидуваат да ја дестабилизираат и ослабат Европа.
„Светот околу нас е во немир. Силите однадвор и одвнатре се обидуваат да ги дестабилизираат нашите општества и се обидуваат да ја ослабат Европа. Никогаш нема да дозволиме тоа да се случи. Овие изборни резултати покажуваат дека мнозинството Европејци сакаат силна Европа“ – порача таа.