Фон дер Лајен: Руската агресија врз Украина ќе има цена

by fokus

Европската унија сака Москва да ја намали тензијата што ја создаде со акумулацијата на војници на границата со Украина, а Брисел е подготвен да ги зајакне санкциите против Русија во случај таа да ја нападне оваа соседна земја, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во своето обраќање пред новинарите заедно со новиот германски канцелар Олаф Шолц, претседателката на Комисијата денеска изјави дека ЕУ сака добри односи со Русија, но дека тие зависат од тоа како ќе се однесува Москва, која, како што рече, „зазема заканувачки однос кон соседите и со тоа ја поткопува безбедноста на Европа“.

„Сакаме деескалација и крај на секоја агресија против соседите на Русија. Во спротивно, Европската унија ќе се обиде да ги зајакне своите санкции и да преземе други мерки во економскиот и финансискиот сектор, во договор со нашите партнери“, рече Фон дер Лајен на прес-конференцијата.

Претседателката на ЕК рече и дека руската агресија врз Украина ќе има своја цена, но не сакаше директно да каже дали таквиот потег на Москва ќе предизвика санкции од ЕУ против рускиот гасовод „Северен поток 2“.

Поврзани новости