Урсула фон дер Лајен беше реизбрана за претседателка на Европската комисија на денешното гласање во Европскиот парламент, кое што претставуваше најголем тест досега за нејзините политики.
Актуелната претседателка на ЕК доби 401 глас „за“, а 284 беа „против“ на гласањето. Таа доби нов петгодишен мандат. Пред 5 години, таа беше избрана со тенко мнозинство од 9 гласа.
„Изминатите 5 години покажавме што можеме да направиме заедно. Да го направиме тоа повторно“, кажа таа по гласањето.
Реизборот на 65-годишната германска политичарка следеше по неколкудневните преговори меѓу најголемите пратенички групи во ЕП. Иако трите најголеми групи – Европската народна партија, Социјалисти и демократи и либералите од Обнобва на Европа, имаа доволно гласови за нејзиниот реизбор, внатрешните несогласувања значеа несигурно мнозинство, па Дон дер Лајен беше принудена да бара поддршка од Зелените и од Европските конзервативци и реформисти.
Бидејќи се работи за тајно гласање, невозможно е да се знае кој гласал „за“, а кој „против“.