Фон дер Лајен: Путин ја враќа Европа во војна, знаеме дека рускиот народ не сака војна

by Fokus

Европската Комисија денеска на лидерите на ЕУ ќе им го презентира новиот пакет санкции против рускиот режим со цел да се ослабне економскиот темел на Русија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Ова утрово го изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која го обвини лично рускиот претседател и Кремљ за ескалацијата во Украина и обидот за дестабилизација на Европа.

Европската Унија вчера го усвои првиот пакет на санкции кој таргетираше стотици блиски до Путин инволвирани во признавањето на сепаратистичките области во Донбас. Со руската инвазија на Украина која започна ноќва, Европската Комисија ќе им предложи на лидерите на ЕУ многу построги санкции.

-Ќе презентираме пакет на масовни таргетирани акции, ќе ги таргетираме стратешките сектори на руската економија преку блокирање на пристапот на Русија до технологијата и пазарите кои се за неа клучни. Ќе го ослабнеме рускиот економски темел и капацитет за модернизација, дополнително ќе ги замрзнеме руските имоти во ЕУ и ќе го стопираме пристапот на руските банки до европските финансиски пазари, изјави утрово фон дер Лајен.

Лидерите на ЕУ ќе се состанат во Брисел во осум часот вечерва за да дискутираат и да ги усвојат новите поостри санкции против Русија.

Претседателката на Европската Комисија им се обрати и на руските граѓани.

-Путин се обидува да го врати часовникот во времето на руската империја и со тоа ја загрозува иднината на Русија, го повикуваме народот на Русија да го стопира насилството, рече шефицата на Комисијата, додавајќи “знаеме дека милиони Руси не сакаат војна“.

Санкциите, рече таа, имаат за цел и нанесат штета на способноста на Кремљ да ја финансира војната и со тоа да се обиде да ја измени европската безбедносна архитектура.

-Путин ја враќа војната во Европа и во овие мрачни времиња ЕУ стои со Украина и нејзиниот народ.

Поврзани новости