Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска пристигнува во официјална посета на земјава, од каде ја започнува четиридневната турнеја низ Западен Балкан.
Фон дер Лајен, како што најави делегацијата на ЕУ во земјава, денеска ќе се сретне со претседателот на државата Стево Пендаровски, додека утре ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски.
По заедничката прес-конференција во Владата, Фон дер Лајен и Ковачевски ќе посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, која е корисник на средства од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ. Засега на агендата нема средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Фон дер Лајен од Скопје, ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево.
Посетата, како што е најавено, Фон дер Лајен ќе ја искористи да разговара за билатералната соработка со регионалните лидери и за подетално да им го претстави Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.