Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека новите планови на ЕУ за зајакнување на европската одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети можат да мобилизираат речиси 800 милијарди евра.
Фон дер Лајен на денешната прес-конференција најави дека ЕУ ќе предложи на земјите-членки да им се обезбеди поголем фискален простор за инвестиции во одбраната, како и 150 милијарди евра заеми за вакви инвестиции, со мобилизација на приватен капитал.

„Потребно ни е големо зголемување на одбранбените капацитети, нема сомнеж за тоа. Ние сакаме траен мир, но траен мир може да се изгради само на сила, а силата започнува со зајакнување на самите себе“, рече таа.
Таа додаде дека испратила писмо до европските лидери и наведе пет клучни точки од планот за повторно вооружување на Европа:
-Зголемување на јавното финансирање за одбраната – доколку земјите-членки ги зголемат трошоците за одбрана за 1,5% од БДП, тоа би можело да создаде фискален простор од речиси 650 милијарди евра во следните четири години.
-Нов инструмент кој овозможува заеми од 150 милијарди евра за одбранбени инвестиции од страна на земјите-членки.
-Користење на буџетот на Европската Унија за одбранбени проекти.
-Мобилизирање на приватен капитал преку Сојузот на штедилници и инвестиции.
-Мобилизирање на приватен капитал преку Европската инвестициска банка.
Фон дер Лајен истакна дека овие планови би можеле да мобилизираат околу 800 милијарди евра за зајакнување на одбранбените и воените капацитети на Европа.
„Ова е клучен момент за Европа и ние мора да го искористиме тоа“, рече таа.