Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска ја започнува четиридневна посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки утре ќе престојува во Скопје.
Како што соопшти Еврокомисијата, за време на турнејата Фон дер Лајен ќе се сретне со лидерите на шесте земји регионот со кои ќе разговара за нивниот пат кон ЕУ, како и за имплементацијата на Планот за раст на Западниот Балкан.
Посетата на регионот претседателката на ЕК ќе ја почне од Тирана, каде денеска ќе има средба со албанскиот премиер Еди Рама и ќе се обрати на свеченоста по повод стартот на академската година на тиранскиот Колеџ на Европа.
Од Тирана, Фон дер Лајен ќе допатува во Скопје на средби со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски.