Фон дер Лајен: Колапсот на Украина ќе ги ослаби и САД и Европа

by Fokus

Колапсот на Украина ќе ги ослаби Соединетите Американски Држави, како и Европа, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Минхенската безбедносна конференција.

Таа повтори дека е клучно за Европа да ги зголеми трошоците за одбрана, пренесува Ројтерс.

Иднината на Украина е високо на агендата на Минхенската безбедносна конференција по телефонскиот разговор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот лидер Владимир Путин оваа недела, во кој тие ветија дека ќе работат заедно за да се стави крај на конфликтот меѓу Русија и Украина.

Урсула фон дер Лајен денеска во Минхен порача и дека „Европската унија нема да остане без одговор на воведувањето на неоправданите царини од страна на САД и ќе преземеме соодветни и решителни контрамерки“.

– Ги зајакнавме нашите алатки за да ги заштитиме нашите интереси, нашите компании и нашите работници, но се подразбира дека ние секогаш сме подготвени да бараме заеднички решенија со САД, од кои корист ќе имаат и двете страни – додаде Фон дер Лајен.

Таа потенцира дека е важно да се нагласи значењето на врските меѓу Европа и САД кои имаат толку многу заедничко, додавајќи дека „Америка е останува најблизок партнер“ на ЕУ.

– Сакаме да ја продолжиме соработката со САД. Веруваме дека трговските војни и казнените царини не му користат никому. Царините се даноци. Тие ја зголемуваат инфлацијата. Тие особено ги погодуваат работниците, бизнисите и групите со ниски приходи. Тие ги нарушуваат важните синџири на снабдување од двете страни на Атлантикот. Никој нема корист од царините, рече Фон дер Лајен.

Поврзани новости