Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп „кога ќе биде вистинското време“ и најави дека во наредните недели ќе го свика првиот Колеџ за безбедност, кој ќе го сочинуваат сите членови на Европската комисија, со цел редовно да добиваат информации за безбедносните случувања.
На прес-конференција во Брисел, во пресрет на сто дена од нејзиниот втор мандат на чело на Комисијата, Фон дер Лајен најави и презентација на омнибус пакет за поедноставување на правилата и намалување на бирократијата, вклучително и во одбранбениот сектор, како и усвојување законски предлог за враќање на мигрантите.
Прашана дали работи на средба со Трамп и на констатацијата дека се чини дека САД не брзаат да се сретнат со некој од претставниците на ЕУ, Фон дер Лајен потсети дека првпат се сретнала со Трамп кога тој бил во последната година од неговиот прв мандат, а таа била во првата година од нејзиниот прв мандат.
Постојат контакти, но мислам дека ќе имаме лична средба кога ќе биде вистинскиот момент“, рече Фон дер Лајен.