Фон дер Лајен: Ќе ја бранам демократијата од оние кои се обидоа да ја уништат

by Fokus

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека „ќе ја брани демократијата од оние кои се обидоа да ја уништат“, откако претходно денеска објави дека има намера да се кандидира за втор мандат на таа позиција, бидејќи доби поддршката од Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

– Најважно е демократијата, владеењето на правото што го браниме и заедничкиот мир – рече Фон дер Лајен, додавајќи дека нејзината изборна кампања има за цел „јасно да им стави до знаење“ на рускиот претседател Владимир Путин и на екстремно десничарските партии во Европа дека „Европската демократија стои на патот“ – пренесува Ројтерс.

Таа оцени дека сакаат да ја уништат Европа и затоа е важно „луѓето да помогнат да се зачува Европа“.

Фон дер Лајен (65), поранешна германска министерка за одбрана, ја објави својата намера да биде на чело на ЕК уште пет години, на лидерскиот состанок на ЦДУ во Берлин.

Функцијата претседател на Европската комисија мора да се пополни по европските избори во јуни годинава, а правилото е дека на оваа позиција се именува кандидат од европската политичка група која има најдобра позиција на изборите за Европскиот парламент.

Доколку биде избрана, таа ќе го започне својот втор мандат како шеф на ЕК во време кога Европа се фокусира на тоа како да ја зајакне својата безбедност, со оглед на војната што Русија ја води во Украина и можноста поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се врати во Белата куќа, според Ројтерс.

Поврзани новости