Фон дер Лајен: ЕУ постигна договор за Законот за климата

by Fokus

Преговарачите на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент денеска, во раните утрински часови, постигнаа договор за Законот за клима, според кој Унијата до 2030 година ќе ги намали емисиите на штетни гасови за 55 проценти во споредба со 1990 година.

-Воодушевена сум што постигнавме договор за овој клучен елемент на Европскиот зелен план. Нашата политичка цел – до 2050 да станеме првиот климатски неутрален континент сега, исто така, е наша законска обврска, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Според постигнатиот договор, целта е намалувањето на штетните гасови до 2030 година да изнесува 55 проценти, во споредба со сегашните 40 проценти.

Договорот ја потврди позицијата на Европскиот совет, кој во декември минатата година го поддржа предлогот на ЕК за намалување од 55 отсто, додека почетната позиција на Европскиот парламент беше 60 отсто.

-Денешниот договор, исто така, ја зајакнува нашата глобална позиција како лидер во справувањето со кризата со климатата. Кога светските лидери ќе се соберат на Денот на планетата Земја, ЕУ ќе излезе со оваа позитивна вест за која се надеваме дека ќе ги инспирира нашите меѓународни партнери. Ова е добар ден за нашиот народ и нашата планета, рече извршниот потпретседател на Комисијата, Франс Тимерманс.

Законот треба да биде официјално одобрен од Советот и Европскиот парламент.

Поврзани новости