Оваа 2025 година мора да биде година на напредок за сите оние земји опфатени со процесот на проширување на Европската Унија, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, што се одржува во Брисел.
– Сакам да испратам јасна порака, 2025 година мора да биде година на напредок за сите оние земји кои се на нивниот пат заснован на заслуги кон пристапување во нашата Унија. Комплетирањето на нашата Унија е во наш основен интерес и тоа ќе биде основен приоритет во следните пет години, истакна Фон дер Лајен.
Таа потенцира и дека Европа ќе ја заштити својата економска и национална безбедност, но при тоа е важно да постигне вистински баланс и да се подготви за сите можни сценарија.
– Тоа секако е случај кога станува збор за САД, земја со која имаме најсилни врски. Трансатлантското партнерство беше камен темелник на мирот и просперитетот во најдобриот дел од векот. Споделуваме многу исти преокупации за регионалната стабилност или за глобалната економија. Ниту една друга економија во светот не е интегрирана на толку напреден начин, рече Фон дер Лајен.
Според неа, ЕУ сака да овозможи ваквите односи да продолжат да функционира, не само поради историски врски, туку и затоа што тоа е едноставната паметна работа.
– Има простор да се направи многу повеќе – од критични синџири на снабдување до новите технологии. Ќе бидеме подготвени за тешки преговори каде што е потребно и да најдеме решенија каде што е можно, за да ги решиме сите незадоволства и да ги поставиме основите за посилно партнерство. Ќе бидеме отворени и прагматични за да го постигнеме тоа. Но, подеднакво ќе ставиме до знаење дека секогаш ќе ги штитиме нашите сопствени интереси, како и да е и когаи да е тоа потребно. Ова секогаш ќе биде европскиот начин, порача Фон дер Лајен.
Таа потенцира дека во услови на актуелната состојба во светот, потребна е подиректната и пофокусирана европска надворешна политика, која ќе се гради согласно потребите на луѓето од Европа,
– Вистината е дека светот и Европа се поповрзани од кога било досега. Од почетокот на векот, обемот на глобалната трговија се удвои и сега сме уште повеќе поврзани на други начини – од нашите високо интегрирани синџири на снабдување до непосредните текови на капитал или дигитални комуникации, рече Фон дер Лајен.
Сепак, според неа, на последниот Светски економски форум во Давос имало „остра, а понекогаш и мрачна, промена на тонот“ дека светот насочен кон поголема соработка и хиперглобализација станал застарен.
– Тоа е повеќе од апстрактно чувство. Големите стравови се вратија. Од стравот од климатските промени или вештачка интелигенција, до страв од миграција или едноставно да останеме се зад себе. И тоа се пренесува и на глобалните односи. Земјите се насочуваат една против друга. Сега сме во ерата на хиперконкурентна и хипер-трансакциска геополитика, додаде Фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија нагласи дека се создава свет во кој правилата и нормите што беа изградени во изминатите 70 години повеќе не можат „да се земаат многу здраво за готово“ и тоа влијае на сите односи.
– Тоа е свет во кој има заеднички обид да се изградат сфери на влијание, па дури и да се граба земја, слично како во 19 век или во екот на Студената војна. Свет во кој новите авторитарни сили се здружуваат со непријателската Русија, која е подготвена да изкористи какви било поделби или слабости во сојузите. Свет во кој новите сили се разочараа од начинот на кој функционира меѓународниот систем и се повеќе бараат алтернатива. Во повеќето случаи, тие ќе работат со оној кој ќе ја стави најдобрата понуда на маса, додаде Фон дер Лајен.
Според неа, оваа посурова и повеќе трансакциска реалност можеби не им се допаѓа на некои во Европа, но таа мора да се прилагодува на светот во кој се наоѓаме.
– Јас сум убедена дека во овој свет со вжештени глави, најдобриот пристап на Европа е да остане рамнодушна. Таа мора да носи одлуки не врз основа на емоции или носталгија за светот каков што беше некогаш, туку повеќе врз тоа што е во нејзини интерес во овој свет каков што е денес… Тоа е начин да се обезбеди стабилност, безбедност и просперитет за нашите граѓани и за нашите партнери. Тоа прави уште поважно да останеме верни на тоа кои сме и во што веруваме, додаде претседателката на ЕК.