Фон дер Лајден: Безобразното и незаконско однесување на режимот во Белорусија ќе има последици

by Fokus

Лидерите на ЕУ повикаа на брзи санкции, откако авторитарниот владетел на Белорусија, Александар Лукашенко, принуди авион на Рајанер да слета во Минск, каде што беше приведен познат опозициски новинар, што беше осудено како киднапирање на комерцијален лет, спонзорирано од државата, пренесува Радио Слободна Европа.

Во пресрет на однапред планираниот самит на лидерите на ЕУ, денеска во Брисел, шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лејен повика на заострување на постојните санкции на Унијата против Белорусија воведени поради репресијата од страна на режимот на Александар Лукашенко.

-Безобразното и незаконско однесување на режимот во Белорусија ќе има последици. Одговорните за киднапирањето на Рајанер мора да бидат санкционирани, напиша фон дер Лејен на Твитер.

Роман Протасевич, опозициски активист и новинар, кој се соочува со обвиненија во Белорусија, кои може да му донесат 15 години затвор, беше во авионот на Рајанер од Атина, Грција, до главниот град на Литванија, Вилнус, кога го смени курсот меѓу двете членки на ЕУ за да се упати кон Минск. Белоруската државна новинска агенција БелТА објави дека Лукашенко лично наредил борбен авион МиГ-29 да го придружува авионот на Рајанер за да слета во Минск, наводно поради закана од бомба. Официјалните лица подоцна соопштија дека не бил пронајден експлозив во авионот.

Набргу откако авионот на Рајанер слета во главниот град на Белорусија, полицијата ги однесе Протасевич и неговата девојка. Рајанер соопшти дека летот пристигнал безбедно во Вилнус синоќа по неколкучасовно доцнење.

Претседателот на Литванија оцени дека станува збор за индидент без преседан и оти Европската Унија ќе расправа за индцидентот како за акт на државен тероризам и оти тоа ќе има сериозни последици.

Дипломат на ЕУ, за Радио Слободна Европа изјави дека е можна забрана за прелет над Белорусија на сите авиони од членките на ЕУ, забрана за слетување на сите авиони на белоруската државна авио компанија на европските аеродроми, како и забрана за транзит преку Белорусија кон ЕУ.

Се оценува дека сега белорускиот воздушен простор е небезбеден за било кој комерцијален лет.

Владата на Ирска, каде што е седиштето на Рајанер, го оцени инцидентот како апсолутно неприфатлив, а НАТО побара меѓународна истрага за овој „опасен и сериозен инцидент“.

Постапката на режимот во Белорусија ја осудија и другите европски лидери.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека САД бараат меѓународна истрага и оти ќе го координираат одговорот заедно со ЕУ, Грција и Литванија. Исто така, САД бараат итно ослободување на новинарот Роман Протасевич.

 

Поврзани новости