611
,,Снимките на кои јасно се гледа лицето на пироманот се доставени во полиција. Знам дека јавноста сакаше да ги види, некои веќе шпекулираат околу неговото име. Сите што прашуваат кој е човекот што се обиде да не запали, имаат право да ја знаат вистината. Се работи за фолк пејачот Петар Нечовски’’ – вели Ване Петкоски, продуцент во ИН ТВ.
,,Јас не сум пејачот пироман и тврдам дека не сум се обидел да го запалам студиото на ИН ТВ во Охрид вчера’’ – одговара на обвинувањата фолк пејачот Петар Нечовски, откако ,,Фокус’’ ја објави веста дека познат фолкер синоќа оставил вреќа полна со пластични шишиња и чаши пред вратата на студиото и ја запалил, додека внатре биле тројца од вработените.
Тие ја известиле полицијата, а нивни екипи излегле на увид.
,,Од вас, медиумските работници дознав за оваа вест. Ако навистина сум бил пироман, зошто тогаш полицијата уште не дошла кај мене? Никој не ме побарал ниту синоќа, ниту пак денес. Еве сега се подготвувам да заминам во Кичево по работа, денот ми минува како и секој друг ден. Тоа е само пропаганда од страна на ИН ТВ’’ – вели пејачот.
Тој додава дека добро се знае во продуцентот Ване Петкоски и со останатите вработени во продукцијата. Често соработувале, а знаел и да им дојде на кафе муабет во тек на ден.
,,Сум им помагал, и тие ми помагале, ме промовирале. Не знам како може сега вака да ме обвинуваат? Од каде тие приказни дека имаат снимки? И она што е најважно, зошто полицијата не ми се јавила? Ма ни МВР, ни ФБИ, ни ЦИА, ништо нема, само пропаганда е ова!’’ – тврди Нечовски.
Ноќта кога се случил настанот, раскажува дека заминал со автомобилот на бензинска станица, во близина на студиото, но воопшто не стапнал таму. И во минатото вели дека ненајавен имал навика да помине и да ги види вработените. Ако биле таму, влегувал, ако била заклучена вратата, си заминувал.
,,Не сум многу активен на социјалните мрежи, и не следам што се пишувало и кој го спомнувал моето име во врска со случајот. Но, ве уверувам дека јас немам никаква врска со настанот. Нека ме зборат сите, не ме интересира. Можеби ме има на снимки, оти им бев чест гостин, но на тие снимки гарантирам дека нема да видите ниту еден пламен! Одев кај нив, пиевме кафе од автомат, си правевме муабет, тоа беше се. Слободно напишете дека тврдам оти сум невин, и ставете ми поубава слика, кога веќе вака ме обвинуваат’’ – вели пејачот.
Ване Петкоски пак, вели дека пејачот си бара изговори и оправдувања, но целиот настан е видео документиран и нема бегање од вистината и одговорноста. Додава дека сега, ден по настанот, кога размислува за она што можело да се случи, сфаќа дека доколку навреме не го забележеле оганот, најверојатно ќе се загушеле внатре во студиото, бидејќи на прозорците имало решетки и не ќе можеле да излезат надвор.
,,Знам дека јавноста ќе биде изненадена, беа изненадени дури и полициските службеници кога ги прегледаа снимките, но тоа е вистината. Петар најверојатно не знаел дека имаме камери и надвор, пред студиото. Оставаме МВР да си ја работи својата работа’’ – изјави за ,,Фокус’’ Петкоски.
Од СВР Охрид го потврдија случајот, кој се водел како предизвикување на општа опасност. Ни изјавија дека во тек на денешниот ден ќе разговараат со осомничениот.
Вики Клинчарова