Освен со песните во понови и помодерни аранжмани, фолкерите изненадија и со провокативната гардероба. Од високи црни чизми, мрежести хулахопки, па се до ултра длабоки деколтеа продефилираа на сцената. Како едни од највпечатливите и воедно најхрабрите во стајлингот беа Елена Велевска и Сузана Гавазова, кои порачаа дека со следење на светските модни трендови и рушење на застарените непишани правила, за тоа како треба да изгледаат фолк пејачките, може да се придвижиме напред, и фолк естрадата да се помести од мртва точка.
,,Кога можеме да се восхитуваме на храброста и експериментирањето со изгледот на светските музички ѕвезди, зошто не би се обиделе и самите ние да доловиме дел од светскиот сјај и на нашата сцена? Ги следам настапите на многу познати и наградувани топ музичари, и без скромност можам да кажам дека она што го имаат на пример Ријана, Мајли Сајрус, Кејти Пери или било која друга врвна пејачка, не е нешто недостижно и за нас, македонките. На нашето поднебје имаме преубави жени и девојки, имаме талентирани пејачки со одличен глас, и не гледам причина зошто ние би се криеле позади некои застарени правила според кои фолкерите треба да бидат закопчани од глава до пети, да го кријат својот сексапил и да не си дозволат промена во стилот на музицирање. Само со внесување на новитети може да се придвижиме напред и да внесеме свежина на фолк естрадата’’ – вели Елена Велевска, која доби голем број на позитивни критики за својот настап со песната ,,Прва во се’’.
Фестивалот е во организација на специјализираното фолк радио – Радио Роса и годинава се одржа по осумнаесетти пат. Познат е како настан на кој се изведуваат песни во духот на македонската народна песна, на кој учество земаат најеминентните композитори, текстописци и аранжери. Има ревијален карактер, односно нема награди.