Фолкерите се фрлија на снимање на патриотски песни: Нема успешна турнеја во дијаспората без песни за името

by Fokus

Ако до неодамна постоеше непишаното правило, доколку некој фолк пејач сака да оди на турнеја во дијаспората, мора да има на репертоарот барем неколку печалбарски песни, во изминатиов период нештата се менуваат.

За успешна турнеја, освен печалбарските, најверојатно стануваат пресудни и патриотските песни, па голем број на фолкери за краток период снимија нумери во кои порачуваат дека името не го менуваме и Македонија не ја даваме.

Деновиве во етерот може да се слушне фолк пејачката Сања Ристеска, која пее – Македонијо, не те даваме, нека знаат сите во цел свет, доста е делби, доста е поделби, сложно браќа да ја браниме. Ристеска, која неодамна ја заврши американската турнеја, во минатото беше позната по песната ,,Ме заболе’’, ,,Машала’’ и други. Се решила за снимање на патриотска песна, како што вели, за да донесе живост на нашата сцена.

И фолк пејачот Влатко Миладиноски има нова, патриотска песна, со која ја освои првата награда на Гоце Фест. Се работи за песната ,,Велат не нема’’ која веќе станала голем хит кај нашите иселеници, и ако лани имаше турнеји и настапи во Канада, Швајцарија, Германија и Турција, годинава започнал преговори за турнеји во Австралија и Америка.

Благојче Стојаноски – Туше, кој беше познат по песните ,,Мераклија’’ ,,Невеста зедов најлична’’ и други, деновиве ја промовираше својата прва патриотска песна ,,Име не менуваме,, која за прв пат ја отпеал во Шведска пред десеттина дена, на настапот во Трелеборг. Вели дека е воодушевен од реакцијата на нашите иселеници, кои ја знаеле целата песна од збор до збор, и веќе за две недели заминувал на турнеја во Австралија, од каде очекувал уште побурни реакции.

-Инспирација за песната ,,Име не менуваме’’ е актуелната состојба во земјава, и истата ми беше понудена токму во вистинското време. Ја пеев на протестите на 4 март, ја пеев на настап во Шведска, еве сега се подготвувам и за Австралија, каде очекувам голема реакција од публиката која што е патриотски настроена – ни изјави пејачот, кој во рефренот на својата прва патриотска песна пее дека име не менуваме и кумови не каниме.

Македонските патриотски песни секогаш биле популарни во дијаспората, а неретко се пејат и на политички протести. Како една од најпопуларните и најизведуваните патриотски песни, посебно на концертите пред иселениците е ,,Бисер балкански’’ чиј текстописец е Јован Павловски.

Неодамна неговата ќерка Маја Павловска, која исто така е текстописец, ни изјави дека доколку тој бил жив, ќе се согласел со неа дека ,,Бисер балкански’’ не може некој да ја слуша и да се удира во гради дека е голем патриот, а при тоа да заборави на моралните вредности и да си ја продаде душата за режимски сендвич.

-Татко ми беше алергичен на неправда, криминал и реагираше на се она што значи непријателство или невистини насочени кон Македонија. Се надеваше на сплотување на цел народ, се надеваше дека делбите ќе престанат – ни изјави тогаш ќерката на легендарниот текстописец.

Вики Клиначрова

Поврзани новости