По една година борба со тешката болест, фолк пејачот Блаже Богев почина вчера на 68-годишна возраст, во Скопје во геријатриски центар.
Кавадарчанецот кој целиот свој живот и го посвети на музиката, и до последно веруваше дека повторно ќе застане на сцената, не се избори со тешката дијагноза – тумор на малиот мозок.
Неговиот син Роберто за ,,Фокус” ја потврди веста за неговата смрт. Вели дека семејството минува низ тежок период, но си спомнува дека и целата измината година им минала тешко, во надеж дека Блаже сепак ќе се спаси.
-Сите во Тиквешијата кои го знаат татко ми, ќе го спомнат како доста ведар човек, друштвен. Минатата година, додека бил на прошетка на чаршијата во Кавадарци, му се слошило, по што замина на лекарски преглед. Никој од нас не очекуваше таква дијагноза, тумор на малиот мозок. Тој изгледаше здраво, имаше нормален живот, веста ни дојде како шок. Започнаа прегледите, терапиите, не му беше лесно. Лекарската проценка беше дека операцијата би била премногу ризична, па замина во Белград на зрачење. Примаше разни лекарства, сакавме да веруваме дека се ќе биде во ред – раскажува Роберто.
Додава дека и самиот Блаже се надевал како ќе се избори со болеста, но туморот напредувал. Имал периоди кога бил подобар, па потоа состојбата му се влошувала.
-Последните моменти ги помина на геријатрија во Скопје. Одеше на полошо, па подобро, па повторно му се влошуваше. Тешко ни беше да го гледаме човекот кој секогаш беше полн со живот како ни се гаси пред очите. Но, едноставно, бевме немоќни пред тешката болест која ни дојде во животот ненадејно – вели Богев.
Блаже е татко на три деца, покрај Робето има уште еден син и ќерка, но токму Роберто тргна по неговиот пат и се занимава со музика.
Во интервју за ,,Фокус” од пред четири години Блаже раскажуваше како е горд на него, бидејќи е негов музички наследник. Во тој период Роберто и неговата сопруга Благица, заедно снимија неколку песни и настапија на повеќе фестивали.
-Заедно со синот и снаата ќе се бориме против кичот, со добра македонска музика. Турбо фолкот ја уништува нашата сцена, се прави музика која е за гледање, а не за слушање. Токму поради тој бран на неквалитетна музика и бев повлечен од естрадата цела деценија, но сега, со засилување од синот и снаата, ќе се вратам назад. Во Македонија има добри музичари, но за жал тие не се доволно ценети, нам секогаш туѓото ни е позначајно. Затоа и се даваат големи суми за настапи на странски пејачи, додека пак нас не викаат да пееме само на хуманитарни концерти. Исто така, оние пејачки кои изгледаат како барбики секогаш имаат повеќе понуди од оние скромните, но со добар глас. Со квалитетна песна решен сум да започнам со исправување на таа неправда која што им е нанесена на сите талентирани музичари, но и на македонската музика, затоа што сепак, идните генерации заслужуваат добра песна, а не минливи хитови- раскажа Блаже во последното интервју за ,,Фокус,,.
Тој зад себе има шест албуми со стари македонски песни. Изминатите години, пред да се разболи, беше чест гостин во Бугарија и Србија, каде настапуваше со стари македонски песни. Роберто пак, во последниот период, пред почетокот на пандемијата живееше во Холандија каде настапувал на разни свечености на нашата дијаспора.
Вели дека и покрај големата желба на неговиот татко, да пее во родната земја, сепак тешко се опстојувало на нашата естрада и тешко се живеело само од музика.
Блаже Богев ќе биде погребан утре во 12 часот, на градските гробишта во Кавадарци.
Вики Клинчарова