Реномираниот фестивал на македонската фолк песна, Валандово 2022, по две години пауза поради пандемијата со корона вирус, годинава се враќа на сцената со полн сјај, со многу новитети и богата програма.
Како што информираат од општината, за настанот се одвоени околу четири милиони денари, средства од општината и од Министерството за култура, а истиот ќе се одржи на 5-ти јуни (недела), и ќе има една натпреварувачка вечер, со 23 новосоздадени фолк композиции.
Во ревијалниот дел свој настап ќе има легендарната Блага Петреска.
Новитет, кога е фестивалот во прашање, е тоа што за разлика од минатото, годинава ќе се одржат два настани на отворено, како најава на фестивалската програма, и тоа на трети и четврти јуни, на градскиот плоштад.
На трети јуни публиката на валандовскиот плоштад ќе ја забавуваат Александар и Дац и Ленче и Горан Кукиќ, а пак на четврти јуни ќе настапат Владо Јаневски и Љубојна.
Гости од регионот, како што беше практика во минатото, нема да има, и фестивалот ќе биде посветен само на нашите естрадни уметници и на добрата македонска фолк музика.
Фестивалот за прв пат се одржа во 1985 година и за кратко време стана традиција во земјава. Остави голем број на хитови низ годините, а беше и отскочна даска за многу нови музички имиња кои ги направија своите почетоци на валандовската сцена.
Вики Клинчарова