Фолк фест Валандово е национална гордост и македонски идентитет: Најавено е 37-то издание на манифестацијата!

by Fokus

Триесет и седмото издание на реномираниот Фолк фест Валандово ќе се одржи на 26-ти мај во фестивалската сала „Јанко Узунов“, а на фестивалската сцена ќе бидат исполнети 20 новосоздадени македонски песни.

Пред тоа пак, ќе се одржат две воведни вечери на Градскиот плоштад на 24-ти и 25-ти мај, на кои ќе настапат домашни музички гости.

Според најавата, на 24-ти мај (петок), присутните ќе ги забавуваат Перо Христов, Драган Мијалковски и Влатко Лозаноски.

Наредната вечер, на 25-ти мај, ќе настапат Игор Џамбазов и Гуру Харе Бенд, Ареа и Кирил Џајковски.

Фестивалот со децении наназад е расадник на музички таленти, и голем број на изведувачи на народната музика токму таму ја започнале својата музичка кариера.
Голем број од песните пак, кои во годините наназад беа промовирани на валандовската фестивалска сцена, станаа евергрини кои се вртат во етерот и без кои не поминуваат забавите и свеченостите во земјава.

Токму поради тоа, фестивалот го носи епитетот на национална гордост, македонски идентитет и бренд на Валандово, на чија бина во минатото продефилираа многу познати музички имиња не само од земјава, туку и од поранешните Југословснски републики.

Концептот на манифестацијата доживеа измени во последните неколку години, со цел модернизирање и воведување на новитети. Дел од измените е и одржувањето на музичките настани, за време на двете предфестивалски вечери, како најава за официјалната фестивалска вечер, кога ќе се изведат новосодадените композиции.

Минатата година на фестот победи Мишко Крстевски со песната „Ема убава“ со музика, текст и аранжман на Љупчо Трајковски – Фис, втората награда отиде во рацете на Елена Андоновска за песната „Ни седум неба, ни седум гори“, а третото место го освои Анета и групата Молика со песната „Букети од сомнежи“.

По прогласувањето на наградите, најчестите јавни реакции беа дека заминале во вистински раце и дека народот е желен за враќање на вистинските вредности и промовирање и поддршка на квалитетни содржини и настани.

Вики Клинчарова

Поврзани новости