Најавено е второто издание на манифестацијата „Фолк вечер на популарноста“ кое ќе се одржи во Кочани, во хотел „Амор“ на 25-ти април.
На настанот се доделуваат признанија на фолк музичарите за нивните професионални достигнувања, успеси и заслуги за промоција на македонската народна музика.
– Манифестацијата ќе започне во 20 часот, на 25-ти април, а наградите, односно стауетките ќе бидат врачени од страна на еминентни личности, како што се градоначалници, композитори, автори, продуценти, режисери…
Организатор на настанот е ИМД Продукција, а уметнички директор е Благоја Грујовски. Ќе имаме голем број на популарни имиња од фолк музиката, за ,,Фокус” вели Иванчо Митев, кој е дел од организацијата на „Фолк вечер на популарноста“.
Дел од гостите на настанот ќе бидат Елена Велевска, Адријана Ацевска, Зуица Лазова, Благица Павловска, Благица Калева, Џамбо и оркестар Агушеви и други.
Водители на настанот пак, ќе бидат Ирена Спировска и Благоја Грујовски.
Минатата година на манифестацијата, статуетки за животни достигнувања добија Сузана Спасовска и Наум Петрески. Помеѓу наградените беа Ленче и Горан Кукиќ, Стојне Николова, Јордан Митев, Сузана Гавазова и други.
На првото издание во 2023 година, уметничкиот директор Благоја Грујовски порача дека манифестацијата е посветена на уметниците кои ги обиколуваат континентите, ја промовираат нашата песна и го одржуваат заедништвото.
-Моја идеја беше да се даде признание и уважување на уметниците од фолк браншата, која добро ја познавам, и недоволно и се дава значење. Со настанот сакаме на целата македонска народна музика да и дадеме значење и да ја кренеме на повисоко ниво – изјави лани Грујовски.
Вики Клинчарова