И годинава Фолк вечер на „Охрид фест“ ја продолжува музичката традиција поткрепена со нашите најдобри пејачи, кои ќе изведуваат песни на докажани авторски тимови, информира Љупчо Соколовски, уметничкиот директор на првата, Фолк вечер на популарниот фестивал.
Појаснува дека подготовките се во тек, се работело под полна пареа, а сите музички гурмани, оние што го почитуваат македонскиот мелос да го запомнат 2-ри септември, бидејќи тогаш ќе се празнува народната песна на фестивалот.
Околу тоа, што ќе доминира годинава, вели дека фестивалот отсекогаш асоцирал на староградски – медитерански мелос, и традицијата продолжува во континуитет.
– Секако дека и оваа година ќе биде запазен мелосот на овој фестивал: виолината, тамбурата, кларинетот, мандолината… Ќе имаме 18 нови градски песни од веќе докажани композитори, текстописци, аранжери, сето тоа полеано со бисерните грла на нашите најдобри изведувачи. Патем, отсекогаш „Охрид фест“ асоцирал на староградски-медитерански мелос што се негувал со децении. Задоволен сум што продолжуваме под полна пареа – вели Соколовски.
Додава дека ќе настапи нашата докажана фолк елита, и списокот со учесници се уште не бил целосен. За најдобрите следуваат награди, а пак по завршувањето на фестивалската вечер, најави дружба со колегите.
-Пред се, сакам да имаме одличен фестивал, на македонската јавност да и презентираме 18 одлични песни, а годинава ќе преовладуваат веќе докажани изведувачи и професионалци. Секако дека ќе има и дебитанти, кои со својот квалитет ќе го оправдаат учеството а за да снимките звучат професионално, аудио записите ќе бидат реализирани во професионални студија. Најдобрите песни ќе бидат наградени од стручно жири.
По фестивалската вечер ќе имаме дружба со колегите како што порано често се правеше на овој фестивал, за да се чувствуваме како дома. Што се однесува до учесниците, ќе ја видиме и слушнеме нашата докажана фолк елита: Наум Петрески, Зуица Лазова, Сузана Спасовска, Благоја Грујовски, Катерина Танева, Стојне Николова, Ивана Наумова, групите „Академци“, „ Чардак“, Кирил Белистојаноски, Милован Секолуски, Петар Нечовски… списокот не е конечен, но на сите изведувачи им посакувам успех на ова 29-то издание на „Охрид фест“- изјави уметничкиот директор на фолк вечерта на фестивалот.
Вики Клинчарова