Фокусирани сме на обединување на Парламентот за напредокот кон ЕУ, им кажа Ковачевски на министрите од „Вајмарската тројка“

by Fokus

Премиерот Димитар Ковачевски на средбата со министрите од „Вајмарската тројка“, односно од Франција, Германија и Полска им пренел дека Владата има силен политички фокус кон обединување на Парламентот за уставните измени, соопшти Владата.

„Вашата поддршка го дава многу потребниот кредибилитет за европската перспектива на Република Северна Македонија и вашата посета е во многу важен момент за нас. Владата има силен политичкиот фокус кон обединување во Парламентот околу натамошниот напредок по евроинтеграцискиот пат, што е од суштинско значење за натамошното воспоставување на европските стандради во државата. Ние веќе сме Европа во мало и со тоа што правиме дополнување во Уставот со други етнички заедници кои живеат тука, испраќаме значајна порака и кон регионот и кон Европа, дека нашето место е во ЕУ“, рече премиерот Ковачевски.

На средбата со Лоранс Бун, државна министерка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, кои се во дводневна официјална посета на Скопје, оценето е дека Македонија е пред неповторлива шанса да почне преговори за членство со ЕУ.

„Тоа, како што е констатирано, ќе придонесе кон задолжителна и забрзана имплементација на европските стандарди во сите области од значење на граѓаните, како што се унапредувањето на животниот стандард и владеењето на правото.  Заеднички е посочено дека проширувањето на Унијата, посебно во актуелниот контекст, не е само техничка процедура, туку геополитички приоритет на ЕУ“, соопшти Владата.

Од Владата соопштија дека премиерот Ковачевски им се заблагодари на претставниците од „Вајмарската тројка“ за огромната поддршка на евроинтеграцискиот процес што ја имаат македонските граѓани, посебно од овие три земји кои се мотори на проширувањето меѓу земјите членки на ЕУ.

Поврзани новости