Веќе подолг период приватната општа болница „Ремедика“ ја тресат низа скандали, кои добро се кријат од очите на јавноста.
Не е тајна дека болницата е само еден дел од бизнис-империјата на познатиот бизнисмен и во еден период прогласен за еден од најбогатите Македонци, според „Форбс“, Јорданов. Поточно, години наназад со „Ремедика“ управува неговата сопруга Елица Јорданова, која фигурира како генерална директорка, што може да се прочита и на официјалната веб-страница.
Според документите од Централниот регистар, како сопственик на болницата се јавува фирмата „Макмедикон консалтинг“, која директно и индиректно е поврзана со мрежа компании, од кои со дел управува Јорданова, додека со дел нивната ќерка Наташа. Тука можат да се забележат и неколку непознати имиња, кои многу години фигурираат во фирмите на Јорданов.
Неговата сопруга, како главен менаџер на приватната здравствена установа, има сѐ во свои раце – од тоа што и како ќе се случува во болницата, кои ќе бидат вработени, па сѐ до тоа какви договори ќе бидат потпишани. Нејзиниот збор е пресуден.
Сепак, во последниот период, болницата од една успешна историја позади себе, во моментов се наоѓа во алармантна состојба, со недостиг од кадар, нарушени меѓучовечки односи, раскаран персонал, потпишани договори од илјадници евра за дел од лекарите и медицинскиот персонал што сакаат предвреме да го напуштат бродот, кој наводно тоне.
Но, тоа не се главните проблеми со кои се соочува „Ремедика“. Постои уште една пострашна, но и скандалозна работа која ја тресе болницата, а тоа е забраната за вршење на здравствена дејност надвор од дозволата за работа на министерството за здравство.
Во документите со кои располага „Фокус“ може да се забележи дека на 8 август, лани од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат е извршен уште еден вонреден инспекциски надзор во ПЗУ во мешовита сопственост – Општа болница „Ремедика“, откако претходно, поточно пред три години, на 27 март, 2019 година е издадено решение за забрана за вршење на здравствена дејност.
Целта на испратените инспектори била да се провери дали е нешто променето од последниот надзор, а извештајот е потпишан од доктор Ирина Бухова-Сотирова, која во тој период управува со оваа институција. Но, се останало како и пред три години.
Во превод, тоа значи дека тие имаат дозвола за работа само за гинекологија и хирургија. Се друго е без дозвола.
„Ова решение останува на сила се додека не се обезбеди одобрение за проширување за вршење на здравствената дејност од областа на урологија, ортопедија, тораковаскуларна хирургија, детска хирургија,уво, нос и грло, невропсихијатрија, дерматовенерологија, физикална медицина.
Со оглед на тоа дека по извршениот вонреден инспекциски надзор на ден 08.08.2022 година е констатирано дека нема промена во однос на решението издадено од министерството за здравство, продолжува да важи забраната за работа за горенаведените дејности, кои не се опишани во основна дозвола за работа“, се наведува во еден од последните извештаи на ДСЗИ.
Пишува: Ирена Мулачка
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК