„Фокус“ открива нови фирми зад кои стои првиот венчален кум на Груевски, фирми за медицинска опрема, за фармацевтски производи, за садници и цвеќиња

by Fokus

Текстот е објавен на 26 август, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1090

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Преку „бомбите“ што лани во февруари ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, во кои можеа да се слушнат аудиоразговори меѓу првите луѓе во власта како договараат провизии и проценти во милиони евра, прават незаконски упади во тендерските постапки, договараат матни и коруптивни зделки, фаворизираат и местат фирми за да добијат тендери, поставуваат свои блиски луѓе за сопственици и управители, на површина излегоа и имињата на анонимни ликови за кои првпат се слушна во јавноста.

Според прислушуваните разговори, се работи за блиски луѓе на првиот ешалон во ВМРО-ДПМНЕ, роднини, кумови и братучеди, зад чии имиња се кријат различни фирми со различни дејности. Според досегашната практика, овие луѓе ретко се поставуваат на функции, се чуваат во анонимност, но затоа, пак, нивните имиња многу често фигурираат на документите на фирмите блиски до владејачката гарнитура, со што не се остава простор да се открие кој е всушност вистинскиот сопственик и кој стои зад фирмите.

Меѓу многуте имиња што се слушнаа во аудиоснимките беше и она на Ристо Новачевски, познат како венчален кум на екс премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски од неговиот прв брак со Сузана Арбутина, лекар на скопската Клиника за пулмологија. Прашањето, кој е всушност Новачевски и колку фирми има на негово име се отвори откако Заев го обвини лично екс премиерот дека по негов налог се менувале урбанистичките планови за да ги задоволи своите мегаломански апетити и да дојде до земјиште – плац на Водно. Новачевски во целата приказна се најде како сопственик на фирма во даночниот рај Белизе, преку која требало да се купат плацевите.

Во меѓувреме, „Фокус“ откри уште три нови фирми зад кои стои првиот венчален кум на Груевски, а чии имиња досега јавно не се објавени.

ФИРМИ НА АНГРО

Листата на фирми со кои управува Новачевски е долга, а меѓу нив претежно можат да се најдат компании за трговија со медицинска опрема, за фармацевтски производи, за изградба на станбени и нестанбени згради, за трговија со садници со цвеќе, но има и такви кои се поврзуваат со него, а неговото име не фигурира на ниту еден документ. На дел од фирмите, Новачевски се води како сопственик, додека на дел, како управител. Сѐ во зависност од потребите. Сепак, постојат и фирми кои прво биле управувани од него, што може да се види во историјатот на промени во Централниот регистар, за по некоја година комплетно да се смени целата раководна структура. Според досегашната практика, ова се случува во услови кога фирмата или нејзиниот сопственик ќе добијат на публицитет и кога ќе бидат поврзани со некој од челниците од власта, а фирмата била вмешана во коруптивен скандал, матни зделки или добивала најмногу тендери. Тогаш, автоматски преку ноќ се менува целото нејзино сопствеништво.

Според документите од Централниот регистар до кои дојде „Фокус“, Новачевски се води како сопственик, но и како управител на уште една засега во јавноста непозната фирма, „Метро Медикал“ од Скопје, чија приоритетна дејност е трговија со медицинска опрема и фармацевтски производи. Фирмата е основана на 26 февруари, 2015 година, што значи дека на пазарот опстојува само година и пол. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Метро Медикал“ е регистрирана со почетен влог од 453.138 евра од кои само 10 илјади евра вложил Новачевски, додека остатокот од парите, односно 443 илјади евра ги вложил извесен Филип Иванов, кој според документите се води како втор сопственик. Тој има само 18 години, а неговата адреса на живеење е на улицата Сремски Фронт бр. 28 во скопската населба Ѓорче Петров.

Овие податоци за вториот сопственик се важни зашто преку нив доаѓаме до поврзаноста на Новачевски со Центарот за дијализа „Дијамед Македонија“ за кој цело време се шпекулира дека зад него стои токму првиот кум на Груевски, ама неговото име не фигурира на ниту еден документ. Поврзаноста на Новачевски со „Дијамед Македонија“ се открива токму преку адресата на живеење на 18-годишниот Иванов, со кој кумот на Груевски е заеднички сопственик на „Метро Медикал“.

Но да тргнеме со ред. Приватната здравствена установа „Дијамед Македонија“се формираше само неколку месеци откако фирмата „Метрополитен“, чиј управител е извесна Вера Иванова и компанијата „Орка Холдинг“ на бизнисменот Орце Камчев го добија стопанисувањето со Центрите за дијализа за бубрежно болните пациенти во наредните 20 години, со што влегоа во бизнис тежок рекордни половина милијарда евра! Според документите од Централниот регистар, „Дијамед Македонија“ е регистрирана на 29 јануари, 2014 година, а како нејзин основач се води „Метрополитен“, чиј управител е Иванова.

Помладиот сопственик на фирмата „Метро Медикал“, 18-годишниот Филип Иванов, пак, покрај тоа што има исто презиме со сопственичката на „Метрополитен“, која ја доби лиценцата за дијализа, има и иста адреса на живеење, што значи дека станува збор или за нејзин син или за близок роднина. Оттука можеме да заклучиме дека кумот на Груевски води фирма заедно со синот или со близок роднина на сопственичката што влезе во бизнисот со дијализа, тежок вртоглави половина милијарда евра.

Пред неколку месеци, Петре Шилегов, портпарол на опозицискиот СДСМ од собраниската говорница го нарече првиот венчален кум на Груевски „Ристе Дијализа Новачевски“, сакајќи да потенцира дека, иако неговото име во фирмата „Дијамед Македонија“ не фигурира никаде, сепак тој се крие во позадина и дека токму поради блискоста со Груевски успеал да влезе во бизнисот со дијализата.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Новачевски, за да го прашаме на колку вкупно фирми е сопственик, а на колку управител, дали тој стои во заднина на приватната здравствена установа „Дијамед Македонија“, која е неговата улога таму и зошто ги крие фирмите со кои управува? Најпрвин го побаравме на неговиот мобилен телефон, а овие неколку прашања му ги испративме и преку смс-порака и на неговиот приватен имејл, но до затворањето на овој број од весникот од него не добивме одговор.

СЕ МЕНУВААТ СОПСТВЕНИЦИ САМО ДА СЕ СКРИЕ ПОТЕКЛОТО НА ФИРМАТА

 Од тотален анонимус, Новачевски доби на публицитет, откако лидерот на СДСМ, Заев, во прислушуваните разговори објави дека преку фирмата „Сирах инженеринг“, каде што се јавува како директор токму тој, експремиерот планирал да купи земјиште од 11 илјади квадратни метри на Водно.

На друга локација, во истиот урбанистички план, Капиштец – Водно, на зафатот веднаш над Панорама, се случила друга промена. Во првиот ДУП стои заштитно зеленило без никакви маркици за парцели. Се работи за катастарските парцели 1926/4 и 1926/5, со вкупна површина од нешто повеќе од 11 илјади квадратни метри. Еве ги имотните листови што покажуваат дека се во сопственост на „Сирах инженеринг“, чиј основач и стопроцентен сопственик е фирмата „Сирах Лимитед“ од Белизе, повторно офшор-компанија. Посебно да посочиме дека управител на таа фирма е кумот на Груевски од првиот брак, Ристо Новачевски, кој бил и сѐ уште е носител на повеќе јавни функции – истакна во тој период, Заев.

Според историјатот на промени од Централниот регистар, фирмата е основана на 9 септември, 2012 година, со почетен влог од 1,2 милиони евра, а седиштето се наоѓа на улицата Димо Хаџи Димов бр. 38 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што живее и Новачевски.

Сопственик на фирмата „Сирах инженеринг“, пак, е фирма лоцирана во даночниот рај Белизе. Станува збор за „Сирах Лимитед“, компанија регистрирана на улицата „1 ½ Мајлс Нордерн Хајвеј“ (1 ½ Miles Northern Highway).

Откако скандалот изби на површина, во фирмата се случија брзи промени. Во историјатот на промени може да се види дека фирмата добива ново име, но и нови сопственици и управители. Истата фирма подоцна беше продадена на Камчев и преименувана во „Систина Лајф Кеар Центар“. Така, сопственоста на спорните парцели на Водно од 11 илјади квадратни метри сега завршува во Скопје, а од регистарот е избришана старата мајка-фирма од даночниот рај Белизе. Но, тоа не се единствените направени промени. Документите понатаму покажуваат дека е избришано името на Новачевски како досегашен управител, а на негово место доаѓа Кристина Камчева Стојческа, сестрата на Камчев.

Покрај наведените компании со кои управувал Новачевски, постои уште една, чие име е непознато во јавноста, а станува збор за фирмата „Анџела Ристо“, каде што, исто така според документите од Централниот регистар, како сопственик се води првиот венчален кум на Груевски. Фирмата се занимава со трговија на мало со цвеќе, садници, семе, ѓубриво, домашни миленици и храна за нив во специјализирани продавници. Таа е регистрирана на 24 јануари, 1993 година, со почетен влог од 317.200 денари, што значи дека на пазарот опстојува речиси 23 години. Покрај него, во сопственичката структура фигурира извесна Лена Самарџиевска, чие име и презиме е речиси идентично на името на неговата сестра, која работи во кабинетот на Груевски како негова лична секретарка. Таа во јавноста стана позната уште во 2010 година, откако опозицискиот СДСМ ја обвини дека била вработена во фирмата „Аналитико АИ“.

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека фирмата има и двајца управители, Сашо Стојковски, чија адреса се наоѓа во скопски Карпош и Љубинка Ангелова која како адреса на живеење го навела кратовското село Живалево.

НА СЕКОЈ ЧЕКОР – ФУНКЦИЈА

Новачевски има 45 години, но зад себе има долгогодишна кариера, која од 2006 година наваму доживува вртоглав подем. Тој, исто така, има долга историја во здравствениот сектор и фармацијата, а во неговата обемна биографија, објавена на интернет, може да се забележи дека е дипломиран економист и дека во периодот од 1998 година наваму сменил повеќе работни места. Околу неговото име се вртат многубројни функции и се споменува како член на повеќе управни одбори, но и како директор на компании.

Во 2006 година, Новачевски бил извршен директор на фармацевтската компанија „Кемофарм“, а само една година подоцна (кога веќе Груевски е премиер), станува извршен директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп, каде што останува три години, до 2011 година. Во меѓувреме, во 2010 година тој станува застапник на јапонската групација „Нипро“ за југоисточна Европа, исто така во областа на медицината. Пред неколку месеци, на БИРН беше објавена информацијата дека Новачевски е вработен и во „Гринфарм“ ДООЕЛ Бразда Чучер Сандево, фирма за трговија на големо со фармацевтски производи.

Освен тоа, кумот на Груевски од првиот брак бил неизвршен член на Одборот на директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, а во 2007 година, Антикорупциската комисија најави прекршочна пријава против него затоа што не го пријавил сопствениот имот.

Од тогаш наваму нема никакви информации дали против него воопшто е покрената прекршочна пријава, но и до ден денес на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата не може да се најде неговиот анкетен лист и што се поседува како функционер.

Истата година, опозицискиот СДСМ ја обвини владата на Груевски дека ја фаворизира веледрогеријата „Кемофарм“ при набавката на индиските цитостатици и стентовите на Кардиологија во периодот кога таму работел Новачевски.

Како што поминува времето, така на површина излегуваат сите фирми со кои управувале луѓето блиски до власта, како и функциите кои ги извршувале за време на десетгодишното владеење на ДПМНЕ. Се гледа дека партијата успеала да им обезбеди богат живот, вртоглави кариери и секако многу пари. Додека половина од Македонија се исели, партиското лавче и блиските роднински врски железни врати отвораат.

Рамка:

И НОВАЧЕВСКИ СЕ НАЈДЕ НА ЛИСТАТА АБОЛИРАНИ ОД ИВАНОВ

Кумот Новачевски, исто така, се најде на листата помилувани од страна на претседателот на државата Ѓорге Иванов, кој на 12 април аболираше 56 лица, кои можеа да се слушнат во аудиоснимките што ги објави Заев, а за кои беа поднесени кривични пријави до Основното јавно обвинителство.

Рамка:

„МЕТРО МЕДИКАЛ“ ПОЧНА СО ТЕНДЕРИ

Фирмата „Метро Медикал“, чиј сопственик е Новачевски, според податоците на Бирото за јавни набавки може да се види дека добила тендер за Геронтолошкиот завод „13 Ноември“ за набавка на медицински потрошен материјал за една година. Договорот е склучен на 19 септември, 2015 година во вредност од 2.400 евра. Според склучениот договор, фирмата треба да набави игли за шприц, стерилен хируршки скалпел, топломер, трислојна хипоалергична маска, нестерилен хируршки мантил… Скромен почеток, во споредба со другите бизниси на Новачевски.

Поврзани новости