Бесмира Ејупи, поранешна ТВ-презентерка која Владата сакаше да ја испрати за генерален конзул во Њујорк, за нецела година инкасирала буџетски средства од скоро 12 илјади евра преку 39 трансакции реализирани во текот на ланската и тековната година, пишува најновиот број на неделникот Фокус.
Според податоците од базата „Отворени финансии“, Ејупи во периодот 2021-2022 година фигурира како примател на средства од 5 буџетски органи под ставката 425990, со која, според Правилникот за класификација на расходите, се означуваат „други договорни услуги“.
Притоа, најмногу трансакции и најголема исплата кон Ејупи е регистрирана од Државното правобранителство на чело со Фехми Стафа, од каде преку 11 трансакции, главно од износ од по 24.900 денари, и се исплатени вкупно 247.658 денари или околу 4.000 евра, почнувајќи од април лани па се до февруар годинава.
Ист број на трансакции кон Ејупи се регистрирани и од Општина Чаир, кои, со исклучок на една, изнесуваат по 9.000 денари, така што нивната вкупна вредност достигнува 94.935 денари или околу 1.500 евра.
Иако од Општина Сарај била извршена една трансакција помалку, сепак, вкупната исплатена сума кон Ејупи е поголема и изнесува 210.000 денари или околу 3.400 евра, имајќи во предвид дека сите 10 трансакции се во износ од по 21.000 денари.
Она што е заедничко за овие две скопски општини е тоа што тие се предводени од градоначалници од редовите на владејачката ДУИ – Висар Ганиу и Блерим Беџети.
Сепак, Ејупи фигурира на платниот список и на уште една локална самоуправа во близина на Скопје – Општина Петровец, која е предводена од долгогодишниот градоначалник од моментално опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Борче Митевски.
Имено, од буџетот на оваа Општина на личната сметка на Ејупи легнале вкупно 160.000 денари или околу 2.600 евра преку 6 трансакции, така што 5 од нив се во износ од по 20.000 денари, а една изнесува 60.000 денари, што всушност претставува најголема поединечна трансакција.
На крајот, една исплата кон Ејупи во износ од 20.000 денари е регистрирана и од руралната тетовска општина Брвеница, каде на последните локални избори победи Јовица Илиевски од ВМРО-ДПМНЕ. Арно ама, треба да се нагласи дека исплатата датира од април лани, кога градоначалник беше Енвер Пајазити од ДУИ.
Инаку, Ејупи работела како новинар-презентер, по што се кандидирала за член во Комисијата за антидискриминација. Сепак, таа не била избрана во ова тело, но станала член на Надзорниот одбор на Јавното претпријатие Железници Инфраструктура.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи раководено од Бујар Османи ја предложи за шеф на дипломатско-конзуларното претставништво во Њујорк. Но, под притисок на јавноста, Владата ја повлече оваа кадровска одлука.
Целиот текст може да го прочитирате во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.
Влатко Стојановски